Скопје
Почна изградба на подземни контејнери пред ТЦ „Три бисери“
На влезот пред ТЦ „Три бисери“ во скопската населба Аеродром почна изградба на подземни контејнери, во кои ќе се селектира отпадот како во модерните светски центри.
Почетокот на изградбата официјално го означија градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, како и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Ракип Дочи.
Подземни контејнери ќе се градат на три локации во Општина Аеродром и тоа пред ТЦ „Три бисери“, зад ТЦ „Бисер“ и спроти ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, локациите се избрани пред сѐ заради големата концентрација на население.
Станува збор за заеднички трипартитен проект меѓу Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ и Општина Аеродром, кој чини 6.600.000 денари, така што секоја од овие три институции вложува по една третина од сумата.
„Би сакал да се заблагодарам на Град Скопје и на Комунална хигиена не само за добрата соработка, туку пред сè за тоа што имаат слух за потребите на жителите на Аеродром за подобрување на хигиената, која колку и да е добра, секогаш се стремиме да ја кренеме на уште повисоко ниво“, изјави градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски истакна дека на секоја од наведените локации, ќе има по два подземни контејнери за одложување на комуналниот отпад, како и еден подземен контејнер за ПЕТ-амбалажа.
Подземните контејнери се иноксни и секој од нив има зафатнина од три кубни метри. Предноста на ваквиот начин на собирање на отпадот е повеќекратна, посебно поради тоа што еден ваков подземен контејнер според капацитетот заменува три од постојните контејнери што се во употреба, па се постигнува повисок степен на хигиена и избегнување на непријатната миризба, која често е присутна во близина на контејнерите. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект на водоводна цевка Ф 80мм. на булеварот Илинден бб. во кругот на Ј.П.Парови и Зеленило Скопје, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на булеварот Илнден од крстоницата со улицата Франклин Рузвелт до крстосницата со булеварот 8ми-Септември, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00часот до завршување на работните активности.

