Скопје
Поделени медалите за најдобрите на турнирот во одбојка на песок ’Скопје 2014’
Одбојкарските двојки Мишонова/Сланчева од Бугарија, во женска конкуренција и Киковиќ/Баста од Србија, во машка конкуренција, ги освоија првите места на петтиот Меѓународен турнир во одбојка на песок „Скопје 2014“, што во изминативе три дена се одржуваше на игралиштата на Градската плажа „Парк“.
Второто место на овој турнир го заземаа двојките Шкариќ/Фрајтовиќ од Србија, во женска конкуренција и Хаџиев/Раев од Бугарија, во машка конкуренција. На третото место се пласираа двојките Ангелова/Динова од Бугарија, во женска конкуренција и Колев/Митев од Бугарија, во машка конкуренција.
Во турнирот учествуваа шеснаесет двојки во машка и осум двојки во женска конкуренција, од Македонија и од регионот, и тоа од Албанија, Србија, Бугарија, Црна Гора и од Хрватска.
Наградниот фонд изнесува 5.000 евра, по 2,5 илјади евра за двете конкуренции.Градот Скопје е генерален покровител на овој турнир и преку Програмата за спорт Град Скопје од Буџетот издвојува 400.000 денари. Турнирот е во организација и реализација на Одбојкарската федерација на Македонија. Традиционалниот меѓународен турнир во одбојка на песок се организира како дел од активностите за одбележување на 51-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година.
На најдобрите одбојкарски двојки во понеделникот навечер медалите им ги додели претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Извршена ларвицидна дезинсекција во општина Илинден
Во согласност со програмата за спроведување општи мерки за заштита на населението од заразни болести за 2024 година, Општина Илинден во координација со екипите на ДТУ ТОКСИ ВЕТ – Скопје, реализира прскање против ларви од комарци на целата територија на општината.
Во согласност со елаборатот за спроведување на превентивна дезинсекција за спречување и искоренување вектор преносливи заболувања, во овој период се врши ларвицидна дезинсекција на водни површини за уништување ларви од комарци.
Со третирањето се опфатени сите водни површини на отворените одводни канали (главни, секундарни и терцијални), речното корито на Сува Река и вештачката акумулација во Бучинци, на вкупна површина од 50 хектари.
Дезинсекција се врши со еколошко средство, кое е безопасно за здравјето на луѓето, одобрено и пуштено во промет од Бирото за лекови.
Скопје
Оваа сабота во „Јавна соба“: базар на втора рака облека, накит, книги и детски играчки
Трендот во големите градови и културата е рециклирање и рекреирање веќе на постојното. Колку понапредни општествата, толку повеќе се рециклира, се води сметка за животната околина и сè погласна и популарна е second hand модата.
Скопје полека ја прегрнува оваа нова филозофија, но колку е поголема и подобра понудата – толку повеќе ќе има интерес од страна на потрошувачите и ќе има поголем успех.
Оваа сабота (11 мај) во „Јавна соба“, под слоганот „Second hand е подобро од ново“, почнува базарот, каде што посетителите може да си набават добро сочувано парче гардероба, чевли, накит, книга или можеби некоја играчка. Ќе има многубројни штандови со разноразни парчиња, кои дефинитивно заслужуваат втора шанса.
И сето тоа во еден забавен, опуштен и пријателски амбиент, еве неколку причини зошто е подобро да купувате работи од втора рака:
– заштеда на пари;
– помагање на животната средина и зачувување на природните ресурси;
– поддржувате локален и мал бизнис;
– развивате уникатен стил;
– имате чувство како да сте во потрага по богатство.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје поради денот на полицијата
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните на Скопје дека поради одржување на настан за одбележување „7 Мај – Ден на полиција“, во периодот од 08.00 до 18.00 часот за сообраќај ќе биде затворен бул.„АСНОМ“ на потегот од крстосница со бул.„Србија“ до крстосница со бул.„Февруарски поход“. Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот.
Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.