Скопје
„Појадок на мост“ на 14-ти септември
Петтата традиционална манифестација „Појадок на мост” годинава ќе се одржи на 14-ти септември (недела) на Камениот мост и Мостот око во Скопје. Влезниците, чиј број е ограничен на 2.700, може да се подигнат од 6-ти септември на пункт што ќе биде поставен на на плоштадот „Македонија“.
Манифестацијата „Појадок на мост“ се одржува под покровителство на Град Скопје, во организација на Секторот за локален економски развој во соработка со Средното угостителско училиште на Град Скопје „Лазар Танев“.
„Манифестацијата ќе се одржи на 14-ти септември, тоа е наредниот викенд во недела, од 9-11 часот. Апелирам до сите заинтересирани граѓани да си подигнат влезници за настанот „Појадок на мост” и тоа од 6-ти до 11-ти септември на пунктот којшто ќе биде поставен на плоштад „Македонија“, во близина на градската кафеана „Пелистер“ од 10 до 14 часот. Поради својата уникатност овој настан стана препознатлив за градот Скопје и ќе продолжи да привлекува голем број посетители кои би уживале во убавините на нашиот град“, изјави во среда градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Тој ги покани сите граѓани на Скопје, но и оние што живееат во други градови, да дојдат и да бидат дел од заедничкиот појадок на мостовите во главниот град, зашто, како што рече тој, оваа Манифестација нема за цел да ги најаде посетителите, туку на еден симболичен начин, да ги зближи и да им овозможи барем неколку часа да се дружат, да разговараат едни со други и да си разменат мислења.
Директорот на СУГС „Лазар Танев“, Зоран Николовски, рече дека ќе бидат поделени 2.700 влезници и дополнителни 200 за странски туристи во нашата земја, коишто ќе им бидат понудени на тур-операторите во Скопје.
„Градот Скопје и нашето училиште имаат навистина сериозен пристап во однос на организацијата на овој настан, токму поради тоа годинава храната и ланч-пакетите ќе ги подготвуваат 600 лица. Елиминирани се сите можности за нехигиенско приготвување на храната и овие пакети ќе бидат приготвени според сите светски и европски стандарди за подготовка на храна. Ланч-пакетите ќе содржат 14 до 15 различни продукти, што ќе бидат наменети за сите граѓани од сите националности и вери коишто живеат овде. Благодарение на нашите донатори коишто секако доаѓаат од угостителскиот сектор, секоја година имаме се поголем избор на продукти кои влегуваат во нашата понуда“, рече тој.
За реализација на настанот „Појадок на мост”, оваа година во Буџетот на Град Скопје се издвоени 600.000 денари.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.