Скопје
Поставена нова патна и железничка сигнализација кај населбата Усје
Нов сообраќаен режим на булеварот Борис Трајковски, на преминот преку железничката пруга кај населбата Усје каде што е поставена нова патна и железничка сигнализација, се воведува од вторник.
На денешната презентација на новата сигнализација која ќе овозможи безбедно одвивање на сообраќајот преку железничката пруга присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на Македонски железници-Инфраструктура, Ирфан Асани и градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ.
„Вградувањето на овој систем е резултат на добрата соработка на Градот Скопје со Македонски железници-Инфраструктура, Македонски железници-Транспорт и Цементарницата „Усје“. На терен, во изминатиов период беа поставени светлосни сообраќајни знаци за означување премин на патот преку железничка пруга во ниво и полубраници за затворање на сообраќајот на преминот преку железничката пруга во ниво. Претходно овој премин беше регулиран физички, со знаменца, а сега преминот е обезбеден со рампи и целосна сигнализација со што во голема мера ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот“, рече градоначалникот Коце Трајановски.
Според него, ова е еден од најсложените системи за регулирање на сообраќајот во Македонија, со оглед на тоа што овој премин е единствениот каде што железничка пруга поминува низ крстосница регулирана со семафори.
„Настојуваме оваа крстосница да стане дел и од Центарот за управување и контрола на сообраќајот за да се овозможи дополнителна контрола и мониторинг“, додаде Трајановски.
На терен работеа екипи од ЈП „Улици и патишта“, Цементарница „Усје“ и од Македонски железници. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре посебен сообраќаен режим во Скопје поради протестниот марш „Стоп за Цементара“
Утре, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи протестен марш „Стоп за Цементара“ со траса на движење од пред Влада на РСМ на булеварот „Илинден“, десно по булеварот „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улицата „11-ти Октомври“ до пред Собрание на РСМ и лево по улицата „Филип 2-ри Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

