Скопје
Жерновски: Дочек во општина Центар ќе има, настанот ќе биде и од хуманитарен карактер
Правниот тим на општина Центар ги разгледа веќе склучените договори со артистите кои што треба да настапат за новогодишната ноќ и заклучи дека раскинувањето на тие договори со нив ќе предизвика сериозни финансиски последици, со што одлучено е настанот да се одржи и дополнително истиот да биде од хуманитерен карактер, изјави во четвртокот градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, говорејќи за манифестацијата „Град во Градот 4“, која ќе се одржи на 31-ви декември на Сквер Јадран.
„Заради откажувањето на настапите, ќе треба да ги исплатиме парите во целост, без разлика што изведувачите нема да го одржат новогодишниот настан. Ова е нелогично и нема да донесе никаква придобивка. Можноста да се пренаменат тие средства за идејата која што постои и која што ја разбирам апсолутно, сега е исклучително тешка. Вие знаете дека дел од граѓаните се да се откаже концертот поради иницијативата, а дел се за да се одржи новогодишниот концерт. Од тие причини, успеавме да најдеме едно компромисно решение. Од денеска, тој новогодишен настан нема да има само забавен, туку ќе има и хуманитарен карактер, затоа што тоа ќе се претвори во донаторски проект, каде што сите граѓани и фирми ќе можат да донираат за оние категории на граѓани кои се најранливи“, објасни Жерновски.
Според градоначалникот на Центар, првите кои веќе потврдија дека ќе донираат се самите артисти, кои ќе издвојат 600 илјади денари од својот хонорар за настапот. „Парите ќе бидат наменети за таму каде што ќе се договориме дека е најнеопходно и во претстојниот период ќе го објавиме. Очекувам овој пример да го следат и граѓаните. На самиот настан ќе може секој да донира пари а активностите и можностите за донирање ќе ги објавиме во следните денови. Верувам дека на крајот ќе дојдеме до висока сума на средства, која би била блиску до онаа која општината ја издвојува за организација на самиот настан“, додаде тој.
„Мислам дека ова е едно компромисно решение кое ќе ги задоволи сите. Благодарност до оние граѓани кои ја дадоа оваа иницијатива. Сепак, за општина Центар ова не е ништо ново, затоа што и по бројки и по факти, општина Центар е општина која што најмногу издвојува средства од својот буџет за социјални намени и проекти”, порача Жерновски./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

