Скопје
ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје подигна 22.194 кубни метри отпад од диви депонии во 2024 година
Во периодот јануари-декември 2024 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје отстрани вкупно 22194 кубни метри отпад од голем број диви депонии лоцирани во сите скопски општини.
„Дивите депонии се создаваат како резултат на несовесното и непрописно одлагање отпад на јавни или сообраќајни површини, со што директно се загадува животната околина и се загрозува јавното здравје. Најмногу диви депонии во текот на 2024 година се расчистени во општините Чаир, Ѓорче Петров и Аеродром, каде што е констатирана и најчеста појава на таканаречени „црни точки“ – локации каде што во рамките на подолг временски период е забележано континуирано непрописно одлагање отпад“, посочуваат од ЈП комунална хигиена и додаваат:
„ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува на граѓаните да им ја нуди можноста својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди да ги одложат без плаќање на надоместок во Центарот за селекција на отпадот во Карпош, секој ден во неделата, од 09 до 19 часот. Воедно, на бесплатниот телефонски број 0800 222 33, жителите на градот Скопје може да ја нарачаат и услугата за преземање и транспорт на кабастиот отпад директно од нивните домови со специјалните возила на ЈП Комунална хигиена-Скопје, што се наплатува согласно однапред утврден Ценовник“,
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Субвенции за поправка на покриви на згради и замена на азбестни покриви на куќи во општина Карпош
Согласно Програмата за уредување на градежно земјиште за 2025 година, Општина Карпош денеска објави Јавен повик за доделување финансиска подршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективно домување и замена на азбестни кровни покривачи на индивидуални станбени објекти (куќи), на своја територија.
Во таа насока, за колективните станбени објекти (зградите), локалната самоуправа ќе субвенционира најмногу до 50% но не повеќе од 350.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправка и санацијата на кровен покривач.
Додека пак за индивидуалните станбени објекти односно за куќите, Општина Карпош ќе субвенционира најмногу до 60%, но не повеќе од 120.000 денари од вкупниот износ на вредноста на замената на азбестниот кровен покривач.
Право на учество на Јавниот повик имаат сите оние коишто се регистрирани како Заедници на сопственици (ЗС) или со заедницата да управува правно лице – Управител (УСЗ) , согласно Законот за домување и сопственици на индивидуални станбени објекти (куќи) во Општина Карпош. Постапката за субвенционирање ќе се одвива во две фази од каде по комплетирање на документите од првата фаза, апликантот ќе добие писмено известување дека е потенцијален корисник на субвенцијата. Со самото тоа апликантот преминува во втората фаза што подразбира дека тој може да отпочне со замена на кровниот покривач.
Во овој случај, локалната самоуправа напоменува дека, доколку апликантот се одлучи да го промени стариот кровен покривач со користење на субвенција од Општина Карпош, истиот се обврзува да користи исклучиво бел или сив (силвер) лим за кровен покривач. Според условите од Јавниот повик, сите досегашни корисници на субвенција во изминатите јавни повици, објавени од страна на Општина Карпош, немаат право да учествуваат во јавниот повик за 2025 година.
Jавниот повик е отворен и трае до исцрпување на финансиските средства предвидени во Буџетот на Општина Карпош за 2025 година за предметната намена, по принципот „прв дојден-прв услужен“.
Пријавите се доставуваат во затворен и запечатен коверт, без означување на субјектот кој ја поднесува пријавата до Општина Карпош, преку пошта на адреса: ул. Радика бр.9 , 1000 Скопје, или во архивата на Општина Карпош, со назнака:
Јавен повик за доделување финансиска поддршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективно домување и замена на азбестни кровни покривачи на индивидуални станбени објекти (куќи) во Општина Карпош.
Заинтересираните странки можат да добијат повеќе детали околу условите и потребната документација, на следниве линкови:
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на следниве телефонски броеви: 071/350-388 или 078/487-636.
Скопје
Субвенции за санација на постојни и поставување нови лифтови во зградите во Карпош
Согласно Програмата за уредување на градежно земјиште за 2025 година, Општина Карпош денеска објави Јавен повик за доделување на финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување нови лифтови на станбени згради за колективно домување, на своја територија.
Во таа насока, локалната самоуправа ќе субвенционира најмногу до 50%, но не повеќе од 500.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправката и/или санацијата на постоечкиот лифт, како и за поставување на нов лифт.
Оттука, во постапката за поставување на нови лифтови, Заедницата на сопственици е должна да ја обезбеди целокупната потребна документација согласно позитивните законски прописи (проекти, одобренија и сл). Во случајов, Општината обезбедува парични средства за набавка на нов лифт, но не ги покрива и трошоците поврзани со градежните работи (отворање на окно за лифт, отстранување на градежниот отпад и слично).
Право на учество на јавниот повик имаат сите оние коишто се регистрирани како Заедници на сопственици (ЗС) или со заедницата да управува правно лице – Управител (УСЗ), согласно Законот за домување, а субвенциите ќе се доделуваат по принципот „прв дојден –прв услужен“, до исцрпување на финансиските средства за оваа намена.
Потенцијалните корисници на субвенциите треба целосно да ги исполнат условите и критериумите кои се пропишани во Јавниот повик, што значи дека станбените згради за колективно домување треба да бидат постари од 25 години. Исто така, Заедницата на сопственици/Управителот на станбените згради треба да достави Одлука од сопствениците на станбените единици, дека сопствениците на посебните делови се согласни да се изврши поправка и/или санација на постоечкиот лифт и/или поставување нов лифт. Покрај тоа, сопствениците на посебните делови треба да изразат согласност да учествуваат со сопствени средства за дел од вкупниот износ за поправка и/или санација на постоечки лифт и/или поставување нов лифт, (во прилог кон Одлуката да достават список со потписи од 50% плус 1 (еден) сопственик). Според условите на Јавниот повик, апликантите треба да приложат и имотен лист (не постар од шест месеци), со кој се докажува сопственоста. Во случајов, потребно е да се достави имотен лист за секој стан засебно, со кој ќе се потврди сопственоста на апликантите. Имотните листови да се достават во оригинал или нотарски заверена копија (за 50% плус еден сопственик).
Пријавите треба да се достават до Општина Карпош, преку пошта на адреса: ул. Радика бр.9 ,1000 Скопје, или во архивата на Општина Карпош, со назнака:
Јавен повик за доделување финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување нови лифтови на станбени згради за колективното домување во Општина Карпош.
Заинтересираните странки можат да добијат повеќе детали околу условите и потребната документација, на следниве линкови:
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на следниве телефонски броеви: 071/350-388 или 076/299-175.
Скопје
Дел од општина Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано два прекини во водоводната мрежа и тоа:
– Поради промена на вентил од ф 2“ на улицата Никола Парапунов бр.5 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Никола Парапунов во општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување на работните активности.
– Поради дефект на приклучна цевка од ф 1“ на улицата Копенхагенска бр.6 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците Копенхагенска, Бриселска, ГаврилЛесновски, Стокхолмска, Његошева, Петар Драганов и дел од Софиска во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11:00 часот до завршување на работните активности.