Македонија
Усвоен предлог-закон за сурогат-мајчинство
Владата го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) со кој се воведува можноста за раѓање на дете за друг (сурогатство) и го достави до Собранието, соопшти во петок министерот за здравство Никола Тодоров.
Во предлог-законот се утврдени условите што мора да ги поседува жената за сурогат-мајчинство и тоа: сурогат мајка може да биде жена од 25 до 50 години, мајка на најмалку едно дете, психо-физички здрава, македонски државјнин, да биде во добра психофизичка и општа здравствена состојба, да не и е одземено или ограничено родителското право,да не и е изречена казна за сторено кривично дело со ефективна казна затвор во траење од над шест месеци, да не и е ограничена или одземена деловната способност, да не е душевно болно или лице со пречки во интелектуалниот развој, да не е зависник од дрога или други психотропни супстанции или алкохол и да нема тешко хронично заболување или да не е болна од неизлечива заразна болест.
Тодоров потенцираше дека во предлог законот се употребува терминот „гестациски носител“ наместо „сурогат мајка“ по примерот на повеќе други држави, со цел да не се нарекува „мајка“ жената која родила дете за друг.
Гестацискиот носител има право да роди за друг само едно живо дете. Право да поведат постапка на БПО со гестациски носител имаат маж и жена кои се во брак и се државјани на Република Македонија, а причините за барање на сурогација може да бидат следни: жената од брачната двојка има вродено стекнато отсуство на матката или вродена аномалија на матката која не може да се корегира со модерни хируршки процедури според медицина базирана на докази или некоректибилни оштетувања на матката како последица од неадекватно лекувани инфекции и нестручно изведени хируршки процедури и киретажи и најмалку три неуспешни бремености на жената од брачната двојка, кога како причина за неуспехот се исклучени сите останати причини и фактори, освен оштетувања на матката.
Имајќи предвид дека постојат два вида на сурогат мајчинство – алтруистичко и комерцијално, концептот на МЗ е втемелн на алтруистичко сурогат мајчинство, со изречна забрана за комерцијално сурогат мајчинство.
„Концептот се темели на алтруистичко сурогат мајчинство, кое предвидува исплаќање на определени трошоци на сурогат мајката. Во таа смисла, како материјални трошоци (кои што единствено се дозволени) се сметаат трошоците на гестацискиот носител за водење уреден живот, правилна исхрана и примање додатоци на исхраната потребни за одржување на бременоста, вежбање и психофизичка подготовка. Материјалните трошоци ги надоместува брачната двојка и истите на месечно ниво не можат да го надминат износот од една просечна плата исплатена во стопанството во РМ во претходната година (објавена од Државниот завод за статистика). За направените материјални трошоци, брачната двојка еднаш месечно го известува Министерството за здравство, со доставување на увид оригинални докази од направените материјални трошоци“, појасни Тодоров.
Предвидено е и кривично дело според кое ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години секој кој ќе бара или земе, односно понуди или даде паричен надоместок (пари, хартии од вредност, недвижен и/или подвижен имот, злато и/или други благородни метали или друга материјална корист) како паричен надоместок за спроведување на постапка на БПО со гестациски носител спротивно на забраната за земање на паричен надоместок за спроведување на постапка на БПО.
Исто така, брачната двојка не смее на гестацискиот носител да и даде подароци во вредност повисока од 100 евра во денарска противвредност сметано за целиот тек на постапката на БПО со гестациски носител и по породувањето.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Филипче ја составил документацијата за модуларната болница во Тетово без елаборат за електрична енергија, кој ќе сноси одговорност за техничките пропусти поради кои загинаа 14 луѓе“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, бил директно инволвиран во процесот на изработка на техничката документација за модуларната болница во Тетово, каде живи изгореа 14 луѓе. За ова говоревме минатата година во „Афера – Провизии кои чинат животи’’ каде посочивме на низа пропусти и недоследности, но продолжената рака на СДС Коцевски, цврсто ги чуваше кривичните пријави и докази за Филипче во фиока“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според сведоштвото на Кадриу, вечерта на несреќата таа била повикана да се вклучи во истрагата, а подоцна ѝ се приклучиле и претставници од обвинителство меѓу кои тогашниот ДЈО Јовевски кој дошол со двајца свои обвинители.
Улогата на ДЈО Јовевски и останатите била процесот да го држат под нивен надзор и контрола.
Според Кадриу, околу 30 милиони евра биле обезбедени за изградба на овие објекти. Светската банка тогаш одобрила средства за изградба на модуларни болници на територија на Македонија.
Венко Филипче бил министер кога се изработувала техничката спецификација за модуларните болници. Градбата на модуларната болница, била направена од панели рециклирани со пурпена, кои тогаш не чинеле повеќе од 5-6 евра. Додека пак, оние подобрите и поквалитетните, како на пример панели со камена волна кои не горат до 40 минути, чинеле околу 17 евра. Во превод, според Кадриу, овие модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, сите, а биле обезбедени за оваа намена 30 милиони евра.
Во чиј џеб завршиле парите?
Дополнително за објектот во Тетово, не бил изработен соодветен елаборат за електрична енергија, што дополнително влијаело на безбедноста.
Зошто немало соодветен елаборат за електрична енергија?
Зошто не се користеле квалитетни материјали?
Зошто се искористени минимум од дозволените средства?
Филипче одбил алтернативни предлози за згрижување на ковид-пациенти во рамки на постојните болнички капацитети.
Филипче ја одбил понудата на тогашниот медицински директор, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата во тетовската болница кои стоеле така празни. Филипче тоа го одбил, поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени.
Вистинските виновници за модуларната болница во Тетово мора да одговараат пред законите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Празнувајте со срце, возете со разум – без алкохол зад воланот на овој празник на виното и љубовта, апелира РСБСП
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до сите учесници за внимателно, совесно и одговорно учество во сообраќајот за време на празникот на виното и љубовта 14 Февруари – Свети Трифун и Ден на вљубените.
„Празниците се време за радост, блискост и споделени мигови со саканите. Но, вистинското прославување е онаа по која сите безбедно се враќаме дома. Затоа, не дозволувајте момент на невнимание да ја засени убавината на празникот. РСБСП потсетува: – Доколку консумирате алкохол – не седнувајте зад волан. Изберете јавен превоз, такси или возач кој не конзумирал аклохол. – Возете внимателно, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи,грижете се за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Сакајте и почитувајте го својот и животот на другите – затоа што секој живот е важен“.
Македонија
Иванов се обрати на промоцијата на Стратегијата на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија
Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, беше почесен гостин на промоцијата на Стратегијата за работа на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија за периодот 2026–2031 година. На настанот, што се одржа синоќа во Нови Сад, во годината кога се одбележуваат 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, Иванов имаше пригодно обраќање во кое ја истакна важноста на институционалната грижа за зачувување на идентитетот, јазикот и културното наследство на македонската заедница во Република Србија.
Во своето обраќање, Иванов го нагласи значењето на образованието на македонски јазик како клучен столб за зачувување на националниот идентитет, посочувајќи дека „преку можноста младите да учат и да се изразуваат на својот мајчин јазик, не се пренесува само знаење, туку и чувство на припадност, достоинство и самосвест“. Тој особено ја истакна потребата од активна вклученост на младите генерации во институционалниот и општествениот живот на заедницата, оценувајќи дека нивната енергија, визија и лидерство се двигател на нејзиниот понатамошен развој.
Осврнувајќи се на јубилејот од 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, Иванов посочи дека станува збор за историски втемелена приказна на истрајност, работа и достоинство, преку која македонската заедница оставила длабока трага во општествениот и културниот живот на средините во кои живее. Во таа насока, тој упати искрена благодарност за поддршката што ја даваат властите во Република Србија и Војводина оценувајќи ја како силна порака на почит и вреднување на македонската заедница во Србија.
Во говорот Иванов ја потенцираше улогата на македонската заедница во Република Србија, како и на српската заедница во Република Македонија, кои претставуваат жив мост на пријателство, разбирање и соработка меѓу двете држави, со посебно значење на културната, општествената и дипломатската соработка.

На промоцијата присуствуваа министерот за човекови и малцински права и општествен дијалог на Србија, Демо Берища, македонскиот амбасадор во Србија Никола Тупанчески, покраинската омбудсманка Драгана Ќориќ, директорот на Архивот на Војводина Небојша Кузмановиќ, како и претставници на Покраинскиот секретаријат за образование, прописи, управа и национални малцинства, претставници на Македонскиот национален совет и на македонската заедница во Република Србија.
Целите и програмските определби на Стратегијата детално ги образложија претседателката на Советот, Зорица Митровиќ, и секретарот Марјан Јованоски, кои се осврнаа на клучните приоритети, мерки и активности предвидени за наредниот период, по што со свои обраќања се обратија и амбасадорот Тупанчески, ресорниот министер Бериша, како и домаќинот на настанот, директорот на Архивот на Војводина Кузмановиќ.
За време на настанот,Иванов оствари кратки средби со присутните претставници на државната власт на Република Србија, како и со претставници на покраинската власт на Војводина. Посебно значајни беа средбите со претставниците на македонската заедница во Војводина и со претседателството на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија, на кои беше изразена заедничка подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката и поддршката на активностите од интерес за македонската заедница.

