Македонија
Верушевски: Шпионажата не е семеен бизнис
Обвинителниот акт за осомничени во случајот „Пуч“ да се врати во Обвинителството бидејќи е непрецизен, нема доволно докази, описот на дејствијата е паушален и неиздржлив, сметаат адвокатите на обвинетите Зоран Верушевски и неговата сопруга Соња Верушевска, додека обвинителството смета дека ќе бидат докажани делата.
Сопружниците Верушевски, челникот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев, Звонко Костовски, вработен во Министерството за внатрешни работи, кој се спогоди со обвинителството и е веќе осуден за ова дело, по барање на Ѓорѓи Лазаревски, техничар во УБК се товарат за шпионажа, неовластено прислушување и тонско снимање, како и насилство спрема највисоките државни органи.
Обвинителството во понеделникот побара Судот во целост да го прифати обвинителниот акт, бидејќи доказите потврдувале дека обвинетите ги сториле кривичните дела за кои се товарат. Обвинителот Златко Биковски, истакна дека на главната расправа ќе се докажат делата за кои обвинетите се товарат.
Според адвокатскиот тим на обвинетите, во пријавата за поранешниот директор во Управата за безбедност и контраразузнавање Зоран Верушевски недостига прецизност за која странска држава, организација или лице на кои им служел тој ги прибирал податоците, ниту дали воопшто биле наменети за странска држава. Според адвокатите, не постојат докази дека се најдени податоци во службениот компјутер на Соња Верушевска.
Покрај бранителите, во расправата се вклучи и поранешниот разузнавачот Верушевски според кого „шпионажата не е семеен бизнис“. „Делува запрепастувачки делот од обвинителниот акт, каде мојата сопруга е во улога на шпион. Ве уверувам дека шпионажата не е, ниту може да биде семеен бизнис“, рече.
„Нема комуникација меѓу мене и странски служби, ниту, пак, Обвинителството има доказ за такво нешто, рече Верушевски. Додаде дека е член на СДСМ и дека партијата не е седиште на ниту една странска служба.
„Во моите три децени работа во контраразузнавање ве уверувам дека е невозможно да има шпиунажа, прислушкување и наслиство, бидејќи овие три модела не се компатибилни и никаде во светот не се употребуваат“, појасни поранешниот разузнавач.
Според одбраната нема докази ниту за останатите обвинети дека помагале за насилство врз државните институции, истакнаа дека нема временско прецизирање кога се вршела шпионажата и прислушувањето и според нив нема докази дека тоа се лицата кои ги давале овие информации на Верушевски.
По речиси петчованата јавна расправа за случајот „Пуч“ во Основниот суд Скопје 1, по што се очекува во наредните денови Советот за оцена на обвинителниот акт да одлучи дали ќе закаже судење, ќе го отфрли обвинителниот акт или предметот ќе биде вратен во истрага./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

