Македонија
Во четвртокот издадени потврди на 2.569 мигранти
Во четвртокот од страна на МВР биле издадени потврди за искажана намера за поднесување на барање на азил на вкупно 2.569 странски државјани, од кои, 1.512 се од машки пол, 369 се од женски, 553 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 135 деца кои патуваат без родител.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 1.463, Авганистан – 707, Ирак – 234, додека другите се во помал број.
Во периодот од 19-ти јуни до 8-ми октомври, издадени се потврди на вкупно 127.553 странски државјани, од кои, 83.924 се од машки пол, 16.921 се од женски, 22.102 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 4.606 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-91.654, потоа Авганистан-18.462, Ирак-8.311, Пакистан-3.213 Палестина-1.273, Иран-1.006, Сомалија-746, Бангладеш-740, Конго-426, Нигерија-229, Камерун-202, Еритреја-172, Етиопија-144, Судан-123, додека останатите се во помал број.
До Одделението за азил во четвртокот исто така биле поднесени 18 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда , при што 14 барања се од државјани на Сирија, од нив пет за деца, и по две барања од државјани од Либан, Палестина, (три од барањата се за деца) .
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 9-ти октомври, до Одделението за азил се поднесени 68 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда , при што 51 барања се од државјани на Сирија, од нив 15 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан од нив четири се деца кои го придружуваат родителот, по две барања од државјани од Мароко, Либан, Палестина, Алжир и Ирак (четири од барањата се за деца) и едно барање од државјанин на Египет.
Во текот на последните 24 часа на Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство Скопје породени се со нормално породување две мигрантки од Сирија и Авганистан.
Во континуитет се спроведуваат и превземаат општите превентивни мерки за дезинфекција и дезинсекција ,при што извршена е комплетна дезинсекција на Транзитниот центар Гевгелија како и комплетна дезинфекција на Транзитниот центар Гевгелија и Пунктот за помош во Табановце и дезинфекција на превозот од железничкиот сообракај. Во дисперзираната амбуланта во Транзитниот центар Гевгелија пружена е здравстевна заштита на 15 мигранти и еден транспорт до ОБ Гевгелија./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дафина Стојановска итно да си поднесе оставка – пратеничката функција е сосема спротивно од ова што таа го демонстрира“, велат од Левица
Левица бара итна оставка од пратеничката од редовите на ДПМНЕ, Дафина Стојаноска од гостиварско, „која очигледно и веќе во неколку наврати не ја разбира функцијата која ја обавува и мандатот кој и е доверен од граѓаните“.
„Објавувањето снимка во која се појавуваат малолетните деца на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија претставува особено тежок морален и институционален пад за носител на јавна функција. Кога пратеник свесно користи материјал произлезен од следење на синдикален претставник и тоа го пласира во јавноста како средство за дискредитација, станува збор за злоупотреба на мандатот и грубо деградирање на парламентарната функција“, велат од Левица.
„Пратеник е носител на народен суверенитет, лице на кое граѓаните му ја доверуваат законодавната моќ со обврска да постапува разумно, одговорно и во јавен интерес. Мандатот не е привилегија за демонстрација на сила, туку обврска за заштита на достоинството на граѓаните и на демократскиот поредок. Кога некој ја користи функцијата за таргетирање поединци, за вовлекување семејства и деца во политички пресметки и поттикнување атмосфера на заплашување, тој престанува да ја остварува суштината на пратеничката улога и ја сведува функцијата во параван за партиска агресија.
Наместо извинување и повлекување, денес гледаме дополнителна вмровска дрскост! Ем шуто, ем боде. По извршениот чин, се обидуваат да ја релативизираат одговорноста и да глумат жртви, навредувајќи ја интелигенцијата на народот.
Дафина Стојаноска, пратеничка која години наназад е симбол на политичка привилегираност, која цел круг на фамилија го има вдомено во државните институции, со шест стана, меѓу кои и четири во Скопје, а сепак со енормни патни трошоци кои ги наплатува од државната каса – денес си дозволува да таргетира синдикалист кој бара повисоки плати за работниците! Токму тој јаз меѓу комфорот на отуѓената вмровска елита и секојдневната борба на граѓаните ја разголува суштината на проблемот – привилегирана класа која паразитира од јавни средства, а се пресметува со оние што бараат достоинствен живот.
Токму затоа, нејзината одлука да таргетира синдикален лидер кој се бори за повисоки работнички плати ја прави уште понедостојна за функцијата. Таа не ги брани интересите на граѓаните, туку активно учествува во кампања против нивното организирање.
Нема никакво оправдување за објавените снимки од малолетни деца во нејзината налудничава пресметка. Нема никакво оправдување за користење илегално снимени материјали кои очигледно произлегуваат од организирано демнење и следење. Нема никакво оправдување за вакво однесување од носител на јавна функција, кое ги помина сите граници на пристојноста и е чисто кривично дело!
Пратеник кој свесно ги преминува границите на приватност, пристојност и интима – очигледно не си ја разбира обврската како народен претставник, па не ни заслужува да седи во законодавниот дом. Пратеничката функција треба да е сосема спротивно од ова што го демонстрира Дафина Стојаноска!
Оставката на Дафина Стојаноска е чин што барем минимално би го ублажил овој скандал и срам за Собранието“, се вели во соопштението на Левица.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.

