Македонија
Во неделата издадени потврди на 1.941 мигрант
Во неделата од страна на МВР биле издадени потврди за влез во земјата на вкупно 1.941 странски државјани, од кои 1.069 се од машки пол, 305 се од женски, 491 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 76 деца кои патуваат без родител. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Авганистан–1.267, Сирија-424, Ирак-250 и други во помал број.
Во периодот од 19-ти јуни до 29-ти ноември издадени се потврди на вкупно 292.733 странски државјани, од кои, 168.828 се од машки пол, 45.816 се од женски, 62.469 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 15.620 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-174.185, потоа Авганистан-69.909, Ирак-27.201, Иран-6.231, Пакистан-5.416, Палестина-2.158, Сомалија-1.276, Бангладеш-1.253, Мароко-1.314, Конго-514, Алжир-453, Либан-434, Нигерија-279, додека останатите се во помал број.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 29-ти ноември, до Секторот за азил се поднесени 80 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 53 барања се од државјани на Сирија, од нив 17 за деца, потоа 13 барања од државјани на Авганистан со нив се и 14 деца кои го придружуваат родителот, три барања од државјани од Пакистан , по две барања од државјани од Мароко, Либан, Палестина, Алжир и Ирак (четири од барањата се за деца) и едно барање од државјанин на Египет.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 29-ти ноември евидентирани се вкупно дваесет и три баратели на азил од кои дванаесет баратели на азил се мажи, две барателки на азил се жени, осум баратели на азил се малолетни лица со придружба на старател и еден барател на азил е малолетник без придружба на старател. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита, четири баратели на азил (две малолетни лица со придружба на старател и двајца мажи) се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Средба Хоџа-Ќехаја: Екологија и регионален развој во фокус
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, на која се разговараше за актуелната состојба и перспективите на билатералната соработка во областа на животната средина и просторното планирање.
За време на средбата, министерот Хоџа и амбасадорот Ќехаја ги оценија пријателските односи и одличната соработка меѓу двете земји, истакнувајќи ја важноста на постојните документи и заеднички иницијативи, вклучувајќи го Меморандумот за разбирање од 2012 година за соработка во областа на животната средина, Договорот за економска соработка, како и регионалната иницијатива „Заедничка визија за Шар Планина“, која има за цел заштита и одржлив развој на прекуграничните заштитени подрачја.
Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка, како и на значајните инфраструктурни и економски проекти кои придонесуваат за зајакнување на врските меѓу двете земји.
На средбата, се изрази заеднички интерес за интензивирање на соработката во наредниот период, вклучувајќи и ревидирање на постојниот Меморандум, меѓу двете држави.
Хоџа и Ќехаја ја реафирмираа посветеноста за зајакнување на билатералната и регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина и зачувувањето на природното наследство.

