Македонија
Во среда ќе се одлучи кога ќе се конституира Собранието

Државната изборна комисија (ДИК) во среда до Собранието треба да го достави Извештајот за резултатите од предвремените парламентарни избори 2016 и освоените мандати, по што се очекува да биде одреден датумот на конституирањето на новиот состав на Парламентот.
Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, најдоцна 20 дена по одржаните избори. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на 21-от ден од денот на завршувањето на изборите. Седницата ја свикува најстариот по години избран пратеник, а ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, се до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница.
Како што стои во членот 9 од Деловникот за работа на Собранието, пратеникот кој ја свикал првата седница, претседава со собраниската седница, додека новоизбраниот претседател или еден од потпретседателите не ја преземе должноста.
Претседавачот со првата седница назначува двајца од избраните пратеници кои по потреба го заменуваат во претседавањето со седницата, а потоа со прозивка на избраните пратеници го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.
Собранието може да се конститутира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници, а откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието.
Мандатот на пратениците Собранието го верифицира на конститутивната седница по предлог од Верификационата комисија, која ја избира Собранието на конститутивната седница, по предлог од претседавачот.
Верификационата комисија се состои од претседател и четворица членови од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.
Врз основа на извештајот на ДИК за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно.
Собранието го претресува и гласа во целина по извештајот на Верификационата комисија. Ако Верификационата комисија го оспори изборот на одделен пратеник, на Собранието му предлага да ја одложи верификацијата на неговиот мандат. За секој таков предлог Собранието расправа и одлучува одделно.
Собранието може да ја одложи верификацијата на мандатот на пратеник и со заклучок да побара Државната изборна комисија да ги изврши потребните согледувања, заради проверка на законитоста и правилноста на спроведениот избор и во рок од 30 дена за тоа да го извести Собранието.
До добивањето на известувањето на ДИК, пратеникот чија верификација на мандатот е одложена, нема право да присуствува на седниците на Собранието.
Верификацијата на мандатот на пратеници кои станале пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот, Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на ДИК, а по предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Со верификацијата на мандатот, пратеникот се стекнува со права и должности утврдени со Уставот, со закон и со собранискиот Деловник.
Според Деловникот за работа на Собранието, на пратеникот на кој му е верифициран мандатот му се издава легитимација и картичка за електронско гласање. Во легитимацијата се внесува правото на имунитет и другите права што можат да се остварат врз основа на функцијата пратеник.
Прописите за содржината, обликот и начинот на издавање на легитимациите на пратениците, како и за евиденцијата на издадените легитимации донесува претседателот на Собранието. За издавање на легитимациите и за евиденцијата на издадените легитимации, се грижи генералниот секретар на Собранието./крај
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Ова е аларм, се инсталира систем што ги избриша Албанците од јавните институции

Целосното исклучување на Албанците од 32 нови вработувања во Централниот регистар е јасен доказ за институционална дискриминација и исклучувачките политики на оваа влада, реагираат од ДУИ.
„Ова веќе не е статистика, ова е аларм. Се инсталира систем кој ги избрише Албанците од јавните институции. Тоа се случува секој ден, во секој сектор, и веќе не може да се толерира“.
ДУИ бара итна реакција од сите домашни и меѓународни институции. Тоа, како што велат, не е прашање на вработување, туку е прашање на еднаквост, мир и опстанок на мултиетничката држава.
Ваквата неправда, како што најавуваат, нема да помине во тишина.
Македонија
15-милионитиот патник на „Визер“ во Македонија доби ваучер за лет по избор

ТАВ Македонија и Визер, на дојдовниот лет од Дортмунд, заеднички го пречекаа 15 милионитиот патник на оваа нискобуџетна авиокомпанија во земјава, од нивниот влез на пазарот во 2011 година досега.
Во знак на благодарност за лојалноста на патничката, ТАВ Македонија и подари патнички реквизити, а Визер и додели вредносен ваучер за авиобилети за дестинација која таа самата ќе ја избере.
„Во годината кога ја одбележуваме нашата 15 годишнина на пазарот, денеска го наградивме 15-милионитиот патник на Виз ер и со тоа ја прославивме нашата 14 годишна плодна партнерска соработка со овој авиопревозник, кој лета до вкупно 30 дестинации и 12 земји од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид. Заедно со нив и со Владата, продолжуваме заеднички да работиме на проширување на мрежата на авиолинии од двата македонски аеродроми, правејќи ја Европа и светот поблиски како за македонските граѓани, така и за граѓаните од околните земји”, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, која е членка на француската групација АДП (Aeroports de Paris), партнерството со нискобуџетната унгарска авиокомпанија, Виз ер, го почна во јуни 2011 година, со првиот лет од Меѓународниот Аеродром Скопје до аеродромот Лутон-Лондон.
Во јули 2015 година, Виз ер почна со летови и од охридскиот аеродром, со летот од Охрид кон Базел.
Виз ер денес има база од пет авиони на Меѓународниот Аеродром Скопје и опслужува 30 дестинации до 12 земји до и од нашата земја, со пазарен удел од над 46%, со што е најголемиот авиопревозник на македонскиот пазар.
„Достигнувањето на 15 милиони патници во Северна Македонија е извонреден успех и доказ за нашата силна врска со ТАВ Македонија и нашите патници тука. Како лидери на пазарот, нудејќи летови до 30 дестинации од оваа земја, горди сме што играме клучна улога во поддршката на економскиот раст, како и во отворањето врати за деловни можности и охрабрувањето на посетителите да ја истражат богатата култура и прекрасните пејзажи на Северна Македонија. Возбудени сме што денес го прославуваме овој пресврт со среќниот патник и остануваме посветени на обезбедување ниски цени, сигурна услуга и повозбудливи можности за патување за сите во оваа земја.“ – изјави Андраш Радо, раководител за комуникации во Виз Ер.
Во 2024 година Визер превезе 1,8 милиони патници преку двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, а според бројот на патници, најфрекфентни рути на Виз ер се авиолиниите од Скопје до Милуз, Дортмунд, Мемингем и Берлин.
ТАВ Македонија и Виз ер и натаму продолжуваат партнерски да работат, со развивање на мрежата на авиолинии од скопскиот и охридскиот аеродром, зголемување на бројот и понудата на дестинации според барањата на патниците, со цел поголема достапност кон Европа и светот за македонските граѓани, како и за граѓаните на соседните држави.
Македонија
„Влен“: ДУИ ја продаде еднаквоста за „Соравија“

Влен реагира дека ДУИ ја загубила довербата на Албанците, откако две децении ја уништувала застапеноста на Албанците во државните институции, користејќи ја оваа тема за политичка трговија.
Според Влен, само за една година Владата направила историски чекор со законот за правична застапеност што ја регулира правичната и соодветна застапеност на Албанците во институциите, унапредувајќи ги на одговорни позиции, не со привилегии, туку со заслуги.
„ДУИ се спротивставува на овој закон затоа што повеќе не може да го користи како алатка за политичка трговија, тие ја продадоа еднаквоста за Соравија“, посочуваат од Влен.
Тие додаваат дека промената започнала и дека Албанците повеќе нема да бидат само фигури во администрацијата, туку вистински носители на одлуки, еднакви во законот и во животот.