Македонија
Во тек е турнирот во мал фудбал „Свети Никола“ во Прилеп
Веќе традиционално по осми пат во Прилеп се одржува турнирот во мал фудбал „Свети Никола“ посветен на светителот кој е заштитник и патрон на Прилеп. Турнирот започна на 12-ти, а ќе трае се до 28-ми декември. На него учествуваат 37 екипи од повеќе градови од Македонија.
„Овој турнир како идеја потекна од страна на компанијата Комфи Ангел точно пред 8 години и ние како локална самоуправа веднаш го поддржавме. Започна како мал турнир, а денес тој веќе претставува препознатлив бренд за Прилеп на кого учествуваат екипи од цела Македонија. Ова е еден од најголемите вакви турнири во мал фудбал кои се одржуваат во државава. Целокупниот награден фонд на турнирот е 300.000 денари кои се наменети за прво, второ, трето и четврто место. Овој турнир има исто така и хуманитарен карактер и парите од влезниците и дел од котизацијата на средствата ќе бидат неменети за купување на потребна едукативна опрема за дечињата од градинките „Наша иднина“. Сакам да искажам голема благодарност до Комфи Ангел како општествено одговорна компанија, другите спонзори и пред се до Прилепска пиварница која оваа година обезбеди поголем дел од паричните средства за организација на турнирот“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Натпреварите се одржуваат во спортската сала „Арена Сонце“. Првонаградената екипа добива 125.000 денари, второ пласираната 70.000 денари, трето пласираната 45.000 денари, а екипата која ќе го освои четвртото место ќе добие 20.000 денари.
„Бидејќи Прилеп е фудбалски град, пред 8 години дојдовме до идеја да се врати фудбалот во Прилеп и ја покренавме оваа иницијатива за турнирот. Многу ми е мило што после 8 години овој турнир во мал фудбал стана еден од најреномираните во Македонија“, истакна Ирена Јакимоска, менаџер на Комфи Ангел.
Натпреварите започнуваат во 14.30 часот, а траат се до 22.30 часот. Влезот е 30 денари, средства кои потоа се донираат во хумани цели.
„Новитет оваа година е тоа што ги анимиравме и пионерите од 2002, 2003 и 2004 година со цел да го збогатиме турнирот. И за нив исто така се предвидени награди. Исто така оваа година за ветераните организиравме и еден помал турнир, каде ќе се натпреваруваат поранешни играчи од цела Македонија и ќе ја збогатат манифестацијата. Нивната награда е 15.000 денари, и тука кој и да го освои првото место сите средства се донираат за хуманитарни цели“, кажа Александар Најдоски, координатор на турнирот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.
Македонија
„Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи“, се наведува во извештајот на Стејт департментот
Министерот за правда ги затвори бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
„Во февруари, по препорака на Комисијата за антидискриминација, обвинителството во Битола отвори прелиминарна истрага за клубот „Иван (Ванчо) Михајлов“ поради говор на омраза. Претседателот на клубот беше обвинет за поттикнување етничка и расна омраза и нетолеранција и ширење расизам и ксенофобија. Две лица се обвинети за нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, кој се саморегистрирал како Бугарин, по национална и етничка основа на омраза“, се вели во извештајот.
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, во извештајот се наведува дека Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитувала.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, нотира извештајот.
Македонија
Недоверба кон судството, насилства кон ЛГБТ-и заедницата и поткопана слобода на изразување, забележа Стејт департментот во извештајот за човекови права во Македонија
Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, насилство и закани за насилство насочени кон ЛГБТ-и заедницата се само дел од забелешките во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.
Извештајот меѓудругото нотира значителни „одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, вели извештајот.
„Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото“.
Анкетите покажале силна недоверба на јавноста кон судството.
„Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството. Во јануари, Судскиот совет утврди дека двајца судии на Апелациониот суд во Скопје свесно ги одложиле одлуките за да ги истуркаат обвинетите да го поминат рокот на застареност. На 26 април, Судскиот совет го разреши својот претседател, потег што критичарите тврдеа дека укажува на политичко мешање. Двајца членови поднесоа оставки од Судскиот совет како одговор, а неколку истакнати граѓански организации побараа целосна оставка на Советот“.
Слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.