Македонија
Засега без инциденти на протестот пред Владата, приодите блокирани, пријави за приведените
Слаба раздвиженост на граѓани е забележлива во средата попладне на закажаното продолжување од протестите предизвикани откако најголемата опозициска партија СДСМ во вторникот емитуваше прислушувани наводни телефонски разговори на владини функционери за случајот со убиството на младиот Мартин Нешкоски на 5-ти јуни 2011 година при прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ.
Бројот на присутните на протестот кој како и во вторникот е организиран преку повика на социјалните мрежи, а во средата доби поддршка од СДСМ, засега се проценува до 500 лица.
Тие според нивните искажувања пред зградата на Владата се дојдени неколку часа пред закажаниот термин, а полицијата во меѓувреме ги блокираше приодите, поставувајќи заштитни огради и добро опремени бројни полициски кордони.
Приодот кон просторот каде што во вторникот навечер се собраа над илјада демонстранти, е блокиран од полициски кордони од страна на мостот „Гоце Делчев“, од страна на булеварот „Илинденска“, и од страна на булеварот „Св. Климент Охридски“.
За разлика од вторникот, забележливо е дека полициските сили од почетокот на протестот сили се во потполна опрема, како и дека во овие моменти во околина на зградата се распоредени и бројни полициски возила за разна примена.
Демонстрантите со повиците „Спуштете ја оградата“ и „Нема правда, нема мир“, се наоѓаа на крстосницата меѓу булеварите „Илинденска“ и „Св Климент Охридски“, кон Градскиот парк, а потоа се упатија кон Собранието.
Министерството за внатрешни работи во меѓуврме објави дека најмалку четири лица од Скопје кои учествувале во протестите од вторникот навечер ќе добијат кривични пријави.
Во консултација со надлежниот Јавен обвинител, лицата на возраст од 26 до 40 години се товарат за кривично дело „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување на службени дејствија“. Досега се идентификувани уште девет други лица, како што информираат од МВР од кои седуммина од Скопје и две лица од Битола. Од МВР информираат и дека врз основа на бројните снимки објавени во медиумите, но и снимките обезбедени од видео надзорот, продолжуваат да работат на целосно документирање на вчерашните насилства, откривање на учесниците и нивно изведување пред лицето на правдата.
Освен нив, како учесници во насилните инциденти во кои беше нападната полицијата, досега се идентификувани уште девет други лица од кои седуммина од Скопје и две лица од Битола. Едно од овие лица и претходно 1 е познато на полицијата, бидејќи против него во два наврати се поднесувани кривични пријави за недозволена трговија со наркотици. За нив сé уште се утврдува евентуалната кривична или прекршочна одговорност и по извршените консултации со надлежниот јавен обвинител ќе биде процесуиран соодветен поднесок.
Првоосомничениот Б.Ј.(1974) и досега бил пријавуван од полицијата. Против него се поднесени 40 кривични пријави во врска со разбојништва (15), тешки кражби (9), кражби (5), насилства (2), спречување на службено лице во вршење работи од безбедноста (1), убиство во обид (1), противправно лишување од слобода (1), учество во тепачка (1), насилство извршено во група (1), телесна повреда (1), фалсификување исправа (1) и измами (2). Освен кривично, првоосомничениот 16 пати бил и прекршочно гонет со пријави за нарушување на Јавниот ред и мир и согласно Закон за оружје.
Познат на полицијата е и третоосомничениот С.П.(1989) кој со кривична пријава во 2011 година бил гонет за насилство, а против него се поднесени и 32 прекршочни пријави во врска со нарушен ЈРМ. Останатите двајца Б.Т.(1984) и А.Т.(1985) не евидираат во полициските евиденции./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.