Македонија
(Видео) Филипче: Корупцијата во законот за кредитот од Унгарија се гледа од авион
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во Струмица, во одговор на новинарско прашање, потенцираше дека Законот за кредит од Унгарија што го најави Владата, е голем корупциски проект за кој каматите ќе ги плаќаат идните генерации.
„За жал морам да констатирам дека корупцијата во овој Закон се гледа од авион. Имено, како никогаш досега една фирма која ќе биде одговорна за провизиите ја назначува унгарската банка која ги дава парите, тоа никогаш не било сценарио и не се случило во нашата земја. Секогаш кога имало меѓународна куќа таа била етаблирана, позната и ја обезбедувала државата со цел да се заштити. Сега некој друг ни кажува кои адвокати и која фирма ќе ги земе тие провизии. За жал, сметам дека тоа е еден голем корупциски проект кој што е озаконет, односно веќе влегува во законска процедура, генерации и генерации ќе плаќаат понатаму камати“, изјави претседателот на СДСМ.
Филипче посочи дека загрижува и фактот што Владата го криеше овој закон од јавноста и сега се носи по скратена постапка.
„Ние укажувавме изминатиов период и сега излегува дека е вистина. За жал се носи еден таков сериозен закон по скратена постапка, за да нема доволно време за дискусија или анализа од страна на експертите и експертската јавност. Тој закон е поминат на Влада на 3-ти септември и очигледно еве скоро цела недела се криел од јавноста. Се поставува прашање зошто на таков шверцерски начин се обидуваат таков закон да протнат во Собранието по скратена постапка“, рече претседателот на СДСМ Филипче, додавајќи дека СДСМ многу внимателно ќе следи кои ќе бидат тие фирми што ќе бидат назначени од Унгарија и ќе бидат одговорни за провизиите, и сите работи кои ќе ги открива СДСМ ќе и бидат презентирани на јавноста“, кажа Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ги повикуваме на разговор доколку вистински се грижат за платите на вработените, во спротивно УПОЗ е синдикална организација која обработува за нечии партиски интереси, велат од Владата
Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување на договор со сите синдикални организации преку дијалог, велат од Владата за протестите на дел од јавната администрација и барањето за поголеми примања.
„Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое што учествуваат и на кое што секогаш сме дискутирале за сите предизвици, одбраа да протестираат. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како Влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите. Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност, наведуваат од Владата.
Оттаму посочуваат дека протестите се малициозни и политички мотивирани, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани.
„Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор се со цел вистинско изнаоѓање на решенијата. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која обработува за нечии партиски интереси кои не мислат ништо друго освен собирање на ситни политички поени на грбот на граѓаните, соопштија од Владата.
Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување колективен договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски денес пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата и порача да не го меша УПОЗ со некој друг Синдикат.
Македонија
Мисајловски на средба со семејствата на загинатите бранители: Она што македонските херои го оставиле за Македонија секогаш треба да остане во срцата на сите нас
Денеска во Домот на Армијата во Скопје, министерот за одбрана Владо Мисајловски оствари средба со семејствата на загинатите бранители и со претставници од Здружението на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили на Македонија „Херои на Македонија 2001-2015“.
За време на средбата, на која што се разговараше за прашања кои се од особена важност за семејствата на загинатите бранители, министерот Мисајловски истакна дека грижата за семејствата на бранителите ќе продолжи и дека со заедничка соработка со Здружението „Херои на Македонија 2001-2015“ достојно ќе се негува и чува споменот на македонските херои.
„ Знајте дека со цело срце ве почитувам сите вас, она што македонските херои го оставиле за Македонија секогаш треба да остане во срцата на сите нас “ рече Мисајловски и додаде дека во рамки на законските можности лично ќе се заложи за поддршка и помош на секое семејство.
Претседателот на здружението „Херои на Македонија“, Владо Стојановски, се заблагодари за организацијата на настанот на кој отворено се дискутираше за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат семејствата, а со тоа се оддава почит на бранителите.
Македонија
Потпишан договор за електронска размена на податоци меѓу МВР и Јавното обвинителство
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска потпишаа Договор за соработка и размена на податоци во електронска форма меѓу двете институции.
Со Договорот се воспоставува меѓуинституционална размена на податоците во електронска форма преку Националната платформа за интероперабилност, при што се уредува формата на поединечните барања врз основа на кои ќе се врши електронската размена и описите на регистрираните сервиси кои можат да бидат предмет на електронска размена.
Врз основа на договорот, обвинителството ќе добие директен електронски пристап до базите на податоци кои ги води МВР за државјанство, за моторни возила, за живеалиште и престојувалиште и за поседување оружје.
По потпишувањето на Договорот, Коцевски и Тошковски разговараа и за повеќе тековни прашања од областа на координацијата меѓу двете институции во насока на ефикасно гонење на сторителите на кривични дела.