Македонија
(Видео) „Хорор и срамотилак во највисокиот орган на судската власт“, правниците го критикуваат разрешувањето во Судскиот совет
Правната фела има низа забелешки за разрешувањето на Весна Дамева од претседателската функција во Судскиот совет. Повеќето сметаат дека не е изгласан ниту дневниот ред за да може да се премине на наредна точка. Како кочница за разрешувањето да биде легално, според правниците, се и седумте гласа, кои ги сметаат за недоволни бидејќи претседател се избира со осум гласа. На темата коментираа ексобвинител, адвокати, професори по право.
Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска посочува дека драмата во Судскиот совет е само нокаут за веќе паднатото судство на колена.
„Ако претседателка на ова тело може да се разреши како да е претседателка на куќен совет, надвор од секоја процедура, со насилство и пуч во телото, секој судија треба да се запраша дали овој состав треба да одлучува за неговата одговорност и напредување во кариерата. И како би бил заштитен тој како судија? Уште веднаш треба со изјава да излезат сите претседатели на првостепени и апелациски судови, Врховниот суд, Управниот суд, Вишиот управен суд и Здружението на судиите со реакции за денешниот скандал. ‘Борбата продолжува, ќе биде уште полошо’“, рече Дамева на заминување. Колку полошо може од ова?! ‘Анархија’, ‘колапс’, ‘амбис’, ‘хаос’ се употребените именки за состојбите во судството од страна на членовите на Судскиот совет. ‘Ова на ништо не личи’, ‘беззаконие’, ‘ ‘ќе биде полошо’, ‘има озборувања во канцеларии’, ‘нарушени меѓучовечки односи’, ‘диктати’, ‘нарачки’ и слично, се дел од описите што можевме да ги чуеме. Еден збор не употребија – ‘срам’, тоа е од мене, а го опишува чувството да се следи седницата“, напиша адвокатката.
И адвокатот Јанаки Митровски посочи дека оваа држава се вознемирува само кога САД ќе пише писмо.
„Ова е јадна држава во која Судскиот совет се вознемирува само кога амбасадорот на САД ќе им пише. Од граѓани, адвокати и остало не им чуе. Ваков вазалски однос е погубен за нас. ‘Дали сме ние членови на Судскиот совет и треба ли да знаеме за тоа сериозно писмо доставено до Судскиот совет?’, прашува потпретседателот на Советот, еј, Македонијо, државиште!!!“, вели Јанаки.
Остра критика и од професорката по право, Мирјана Најчевска.
„Поголема банда од судиите членови на Судскиот совет нема. Тоа се партиски војници назначени на овие функции единствено со цел да го штитат криминалот на партиските челници. Дајте, бре, луѓе да се тргнат сите судии и јавни обвинители, а првин овие од Советот“, вели професорката Мирјана Најчевска.
Ана Павловска-Данева, професорка по право, посочува дека разрешувањето на претседателката Дамева, додека таа е во салата, а со одземање збор од страна на потпретседателот, создава негативна практика.
„Денес, потпретседателот на Судскиот совет ѝ го одзеде зборот на претседателката на Советот и продолжи да ја води седницата, па ја разреши спротивно на законот и Деловникот. Сите молчат. Утре може да се случи првиот (или вториот, третиот…) вицепремиер да му го одземе зборот на премиерот и да продолжи да ја води Владата. Сите пак ќе молчат. И него ќе го пуштат низ вода. Битно нивните функции, паушали, хонорари да останат нечепнати“, вели професорката Ана Павловска-Данева.
Ексминситерот за правда Михајло Маневски посочува дека вчерашните случувања во Судскиот совет се хорор и срамота.
„Хорор и срамотилак во највисокиот орган на судската власт. Селим Адеми, заменик-претседател на Советот, изврши пуч и ја презеде власта во Судскиот совет со сила. Овој Селим не ферма ни Деловник, ни дневен ред, ни закон. Почитува само насилство, кое го изврши поддржан од сите претставници на ДУИ во Советот? Значи, може и вака, со насилство? Браво. Сега довербата во судството е рамна на нула. Аферим“, пишува Маневски.
Вчера, во Судскиот совет имаше неколкучасовна драма, караници, престрелки. Заменикот на крајот успеа да ја разреши претседателката на Судскиот совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Македонија
Отфрлени се тужбите на „Европскиот фронт“ од Уставниот суд, ќе има прегласување
До доцна во ноќта Уставниот суд расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата „Европски фронт“. Од судот соопштија за шест одлуки според кои тужбите се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.
„Европскиот фронт“ имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.
Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.
Македонија
Фирма од Чаир монтира небезбедно панорамско тркало во Карпош, обвини Град Скопје
Град Скопје информира дека правното лице Дизниленд реквизити, фирма од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред Борис Трајковски.
„Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради практицирањето на ваквото самоволие“, велат од таму.