Македонија
Ковачевски до Ковачки: Не бев во војска поради абдоменален проблем, ти си кодош и дезертер
Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека имал абдоменални проблеми и дека поради тоа не служел војска во 2000 година. Тој смета дека не е трајно неспособен, а од Собранието посочи: „Тој здравствен проблем го имам и сега“.
Ова објаснување доаѓа по прашање од пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кого го нарече кодош кој изнесувал документи од АРМ (каде што Ковачки беше полковник).
„Јас Димитар Ковачевски ветив дека ќе ја зборувам само вистината. Сосема накусо, во 2005 година, согласно сите законски процедури, согласно Законот за одбрана член 51 во рамки на повеќестепена процедура, врз основа на мислења од стручни лица, а поради здравствен абдоменален проблем кој сè уште го имам, се регистрираше фактот дека не можам да служам воена обврска. И тоа во 2000 година, пред воениот конфликт. Ниту сум бил прв ниту последен таков случај, базиран на таква состојба“ – кажа Ковачевски.
Според премиерот, дезертер е Ковачки кој од воена опрема облекол палто: „И го прави она што најдобро знае да го прави од Белата палата, да плука и по живо и по мртво. Тоа е движечка мизерија“.
Ковачевски побара конзилијарна медицинска поддршка.
„Јасно и гласно ја соопштувам вистината, не за да се објаснувам. Вистината и фактите не се објаснуваат, туку за да ја говорам вистината. Јас во 2001 година бев во Скопје и Куманово, му помагав на татко ми, кој беше градоначалник, им помагав на кумановчани, не избегав од државата, останав тука. А екипата на ДПМНЕ фаќаше кривини по грчките плажи“, додаде Ковачевски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ правеле воен криминал во 2001 година, а тој се бори за граѓаните.
„Имаат проблем бидејќи се крадци, криминалци, насилници, неработници и кодоши. Бидејќи се растураат внатре помеѓу себе заради делење пари и тендери како последниот од 136 милиони евра. Како што цело раководство им е осудено на десетици години затвор поради криминал. Ги прочита народот“, кажа Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Извлечено возилото кое излета од патот и падна во Вардар
Возилото кое излета во Вардар во близина с. Рашче е извлечено.
Од него се извадени телата на три женски лица.
Потрагата по четвртото машко лице кое најверојатно од возилото излетало во водите на Вардар продолжува, информира ЦУК.
Македонија
Магла кај Неготино и Демир Капија, сообраќајот се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози.
Намалена видливост поради пoјава на магла има кај Неготино до 30 метри и Демир Капија до 50 метри.
Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Во Струмица загаден воздух и надминат праг на алармирање, стапија мерки во сила
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни дена) е надминат на мерното место Струмица.
Прагот на алармирање е дефиниран во уредбата за изменување и дополнување на уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели („Службен весник на Република Македонија“ бр. 183 од 14.12.2017 година).
Во табелата се прикажани среднодневните концентрации на ПМ 10 на мернoто место и деновите во кои има појава на надминување на прагот на алармирање.
Согласно настанатата состојба, за Струмица важат следните мерки:
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати
Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци
Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила
Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата
Забрана на горење на отворено
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот
Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.