Македонија
Ловци ја бараат исчезнатата Вања и на непристапни места: МВР ја бара во градот, ние надвор од него
Исчезнатото девојче од Скопје, Вања Ѓорчевска, од вчера го бараат и ловците откако претседателот на Ловечката федерација, Влатко Алексовски, синоќа ги повика да се вклучат во потрагата. Алексовски вели дека не е првпат ловци да се вклучат во вакви потраги, тие ќе ја бараат на непристапни места, каде што полицијата засега не ја бара.
„МВР го бара исчезнатото девојче во градот, но еве веќе трет ден нема резултати оваа потрага. Девојчето можело секаде да заврши, на периферијата на Скопје, на Водно, на Скопска Црна Гора, па дури и многу подалеку. Ловците стапнуваат онаму каде што ниедна друга нога не стапнува, на непристапни места, на планини, во села. Ги повикав затоа што сметам дека може да придонесат во потрагата. И, претходно, како Ловечка федерација, сме биле вклучени во потрага по исчезнати лица, особено кога се работи за непристапен терен. Во контакт сме и со ловечките федерации од околните земји, па можеме, ако ништо повеќе, да помогнеме веста за исчезнатото девојче да стигне што подалеку. Јас сум оптимист, сметам дека сите заедно ќе успееме да го најдеме девојчето“, вели претседателот на Ловечката федерација, Алексовски, за „Макфакс“.
Тој нагласи дека секојдневно на лов на места, каде што полицијата не оди, се излезени по 25.000-30.000 ловци, а целата Федерација, во согласност со издадените дозволи за оружје од МВР, брои 100.000 члена. Алексовски вели дека нивната бројка е многу поголема од бројот на полицајци во земјата, па од тука надежите дека ќе помогнат се големи. Тој апелира скопските ловни друштва да го зголемат бројот на ловни денови за да може ловците подолго да се на терен.
14-годишната Вања исчезна во понеделникот утрото. Излегла од дома за училиште. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата. Освен полицијата, по Вања тргаат и нејзините соученици од училиштето „Јохан Хајнрих-Песталоци“, кои лепат нејзини фотографии во градот, а во потрагата се вклучени и семејството, роднини и пријатели и голем број граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР со владиниот авион ќе ги евакуира нашите државјани од Израел, првите се очекува да пристигнат утре
За евакуација на Македонците кои сакаат да се вратат дома од Израел, Министерството за надворешни работи (МНР) ќе го испрати владиниот авион. Од Израел ќе бидат пренесени на локација до која е безбедно да стигнат по копнен пат од каде што ќе ги преземе владиниот авион.
„За Македонците кои се во Израел веќе договараме евакуација. Се разгледуваат алтернативни патни правци кои се безбедни за да можат да бидат извлечени, а од таму да ги преземеме со владиниот авион. Првите патници очекуваме да стигнат дома уште утре“, изјавија од МНР за „Макфакс“.
Во владиониот авион има место за седуммина патници, но за да можат да си дојдат дома сите заинтересирани, се разгледуваат можности за комерцијални летови од безбедните околни точки.
Евакуација од Израел досега побарале 19 патници кои се дел од вкупно 473 македонски државјани кои ги контактирале дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Во Катар се пријавиле 106 лица, 348 се обратиле до ДКП Абу Даби, 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин.
За патниците од Катар, од МНР велат дека се во преговори за специјален комерцијален лет со кој би се вратиле дома оти сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат, а вrаќањетo од Обединетите Арапски Емирати ќе почне во првата безбедна прилика.
Денес во Белград слета авион со 200 српски државјани кои се вратија од Дубаи со комерцијален лет, а аеродромот извести дека ќе го продолжи воздушниот сообраќај со реализација на ограничен број летови. Приоритет ќе им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои ќе бидат дополнително прераспределени на ограничените летови, ќе бидат директно контактирани од компанијата.
Македонија
Интензивирани активности за пролетно уредување и модернизација на јавните површини во Ѓорче Петров
Во пресрет на пролетната сезона, Општина Ѓорче Петров започна засилена и координирана акција за уредување, разубавување и системско одржување на јавните површини на целата територија на општината.
Активностите се дел од поширока стратегија за унапредување на урбаната хигиена, зголемување на безбедноста и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„На терен се реализира интензивно кастрење на дрвја и жива ограда со цел подобрување на безбедноста и зачувување на зеленилото, расчистување на гранки и зелен отпад и нивно соодветно отстранување, темелно чистење на тротоари, рабници и пешачки зони, уредување на паркови, детски игралишта и меѓублоковски простори.
Со овие активности се создава почиста, побезбедна и поуредена животна средина, а истовремено се поставуваат основи за понатамошни инфраструктурни и еколошки интервенции во текот на годината.
Општината останува целосно посветена на континуирано и одговорно одржување на јавните простори, со јасна визија за модерно, зелено и функционално Ѓорче Петров. Во наредниот период, активностите ќе се интензивираат и ќе опфатат дополнителни локации, согласно утврдениот план“.
Македонија
Заедно за безбедност: Mozzart донира тактички елеци на Интервентната единица
Интервентната единица при Министерството за внатрешни работи доби нови тактички елеци донирани од компанијата Mozzart. Со оваа донација, компанијата ја потврди својата подготвеност да поддржи институции кои работат на заштита и безбедност на граѓаните.
Тактичките елеци ќе придонесат за подобра заштита и ефикасност на припадниците на единицата при извршување на нивните задачи.


„Со задоволство одговоривме на барањето за набавка на нови тактички елеци. Интервентната единица секојдневно е на терен и се грижи за јавната безбедност, а нашата компанија имаше можност да даде конкретна поддршка. Соработката ќе продолжи и во иднина,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Во рамки на својата стратегија за општествена одговорност, Mozzart од почетокот на годината реализира повеќе проекти во различни области – од поддршка на кампањата „Ретко е да си редок“, преку организација на бесплатни театарски претстави, до донации за институции од областа на безбедноста. Активностите ќе продолжат и понатаму, опфаќајќи спорт, здравство, екологија и култура.
ПР

