Македонија
МВР: Во Чашка приведени две лица поради сомнеж за изборен поткуп – фатени се со пиштоли, списоци и пари
Денеска во 15.20 часот полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го приведоа И.И.(52) од село Мелница, општина Чашка.
При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело ” поткуп при избори и гласање” по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол „Застава” со две рамки, 58 куршуми и 4 зрна-испукани проектили кои ги поседувал без дозвола, како и копија од преглед на гласачи за изборно место во Чашка.
И.И. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Исто така денеска, во 17.00 часот, полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го лишиле од слобода А.Ч.(50) од село Мелница, општина Чашка.
При претрес во неговиот дом извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело “поткуп при избори и гласање” по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол ,,Валтер” со една рамка, еден пиштол „Црвена застава”, еден пиштол „Бул” со една рамка, 139 куршуми, мобилен телефон, 986 670 денари во разни апоени и 2 325 евра во разни апоени.
А.Ч. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 30 јуни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ
На денешната седница Извршниот одбор на СДСМ донесе Одлука за распишување вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ на 30 јуни 2024 година (недела), по повлекувањето од функцијата на претседателот Димитар Ковачевски.
Согласно роковите во Статутот на партијата ќе има доволен период за подготовка на кандидатурите и програмите, претставување на кандидатите пред членството и активна регистрација, соопшти партијата.
На седница којашто ќе се одржи в четврток, 30 мај 2024 година Централниот одбор на СДСМ треба да го усвои Правилникот за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на постапката на највисоко демократско ниво од страна на Централната изборна комисија.
Македонија
Мицкоски на средба со евроамбасадорот Гир: злоупотребите со европското знаменце нема да се применуваат, потенцирана европската заложба на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот Тимчо Муцунски оствари средба со амбасадор на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беше потенцирана силната европска заложба на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада, што е еден од трите главни постулати на делување, покрај борбата со криминалот и корупцијата и забрзаниот економски развој.
Мицкоски кажал дека државата мора да се трансформира во секое поле и да се подобри значајно животот на луѓето.
Идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како што е наведено во соопштението, своето делување ќе го базира исклучиво на законите, и злоупотреби како претходната влада во минатото со европското знаменце нема да се применуваат.
Заклучок е дека граѓаните заслужуваат европска иднина, и таа мора да дојде што побрзо, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сервисни информации
Сообраќајна несреќа на патот Василево-с.Градошорци, сообраќајот пренасочен
Во 18.15ч. магистралниот пат Василево-с.Градошорци е затворен во двата правци и сообраќајот е пренасочен по стариот пат, поради случена сообраќајна незгода, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.