Македонија
Мицкоски: Разликата по вчерашниот изборен ден е цунамито кое се крева, народот се излеа и тој бран на промени ќе ја порази оваа власт
Над 180 илјади разлика е доволен показател за само едно, народот е на нозе и народот се крена против оваа власт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Кичево.
„Оние кои што се удираа во гради дека ќе сме се сокриеле после изборниот ден, јас денес не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски разликата по вчерашниот изборен ден е толку изразена, што е поголема од вкупниот број на гласови на Пендаровски освоен на изборите.
„Ова е цунамито кое се крева и кое ќе се удри од главата на оваа власт. Народот се излеа и тоа незадоволство и тој бран на промени ќе ги порази. Сакам да предупредам дека работата не е воопшто завршена. Потребно е жолтиот картон да стане црвен. На 8 мај потребно е масовно да се излезе и да се гласа за промени“, вели Мицкоски.
Мицкоски укажа дека е многу важно разликата да биде уште поголема.
„Затоа што добивам информации за црни сценарија кои се коваат во противничките штабови и да им кажам колку и тие да планираат такви сценарија, народот уште пожестоко ќе ги казни. Излезот власта го гледа во две работи. И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите“, кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека двете сценарија им се за тоа како ДУИ и СДСМ да извлечат некаква полза, за сметка на пропаста и назадувањето на државата.
„Тоа нема да го дозволам. И затоа одговорот е масовна излезност на 8 мај“, порача Мицкоски кој заклучи: „да покажеме заедно дека силата на Македонија е во нас, во сите нас заедно, и да бидеме пример на сите идни генерации“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Езерото не е корпа за отпад
Деновиве во Охрид се одржаа неколку еко-акции за чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро. На повеќе плажи учениците собраа најразличен отпад во рамките на проектот „ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА ЗА СВЕТЛА ИДНИНА“ , кој се реализира на иницијатива на Здрузението на граѓани „Нова Порта“ со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на овој проект е градење на еколошки свесна младина. Од Здружението на граѓани „Нова порта“ велат дека преку вакви акции за чистење на најкритичните места вдолж брегот на Охридското Езеро се подигнува еколошката свест кај јавноста, а од друга страна се остава чиста слика пред почетокот на туристичката сезона во Охрид. Во акцијата се вклучија наставници и ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Охрид.
„Како наставен кадар се трудиме од најмала возраст да ги едуцираме децата за грижа кон животната средина. Би било добро да има повеќе вакви еко акции, да се вклучуваат што повеќе ученици. Ние сме свесни дека не можеме сѐ да исчистиме, но даваме пример како треба да се однесуваме, да бидеме еко свесни. Учениците ги учиме правилно да одлагаат отпад но и да рециклираме отпад, а со тоа веруваме и со вакви акции ќе ја подигнеме свеста кај сите“, изјави Билјана Иваноска наставник во ООУ „Григор Прличев“ Охрид.
Младите испратија силни еколошки пораки за зачувување на најстарото и највредното природно езеро во земјава и Европа.
„На отпадот местото му е во корпа“, „Не фрлај ѓубре во Езерото“, „Да ја чуваме животната средина“, се дел од пораките на учениците.
„Интересот кај младите за да се вклучат во акцијата е голем. Изминатиов период на повеќе локации се собираше отпадот а се спроведе и акција под мотото „Езерото не е корпа за отпад“ на која преку транспаренти се испратија еколошки пораки за заштита на Охридското Езеро. Целта пред сѐ е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското Езеро и крајбрежјето“ , велат од „Нова порта“.
Исчистените плажи, како еколошко чисти плажи, ќе се обележат и со еко-знамиња.
„Ваквите акции пред се имаат едукативна намена а практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина“, додаваат од „Нова порта“.
Во рамките на проектот предвидено е да се реализираат и неколку подводни чистења на Езерото во Охрид и Струга како и едукативни работилници со учениците од основните училишта.
За подигнување на еколошката свест во рамките на проектот ќе биде изработен и видео спот преку кој младите ќе испратат силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина.
Сервисни информации
Сончево со умерена облачност, попладне во некои делови , нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер, во западните делови од западен правец. Попладне, особено во западните и крајните источни делови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за локална појава на невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност поголема попладне и со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи.
Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
До четврток, претежно во попладневните часови ќе има појава на повремен пороен дожд и грмежи. Во овие денови локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Постабилно време се очекува од петок, а за време на викендот и натпросечни температури.
Македонија
На 30 јуни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ
На денешната седница Извршниот одбор на СДСМ донесе Одлука за распишување вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ на 30 јуни 2024 година (недела), по повлекувањето од функцијата на претседателот Димитар Ковачевски.
Согласно роковите во Статутот на партијата ќе има доволен период за подготовка на кандидатурите и програмите, претставување на кандидатите пред членството и активна регистрација, соопшти партијата.
На седница којашто ќе се одржи в четврток, 30 мај 2024 година Централниот одбор на СДСМ треба да го усвои Правилникот за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на постапката на највисоко демократско ниво од страна на Централната изборна комисија.