Македонија
На Денот на пожарникарите Шилегов вети нова опрема и 50 вработувања во скопската противпожарна бригада
Во Противпожарната станица во Автокоманда денеска свечено беше одбележан 20 мај – Денот на пожарникарите. Прославата почна со свечено постројување на пожарникарите, а командантот на Бригадата за противпожарна заштита, Звонко Томески, му поднесе рапорт на градоначалникот Шилегов.
„Дозволете ми најнапред да ви го честитам Денот на пожарникарството и да ви се заблагодарам за посветеноста и пожртвуваноста што ја покажувате вршејќи ја оваа благородна професија. Од срце ви благодарам што секојдневно ги спасувате животите на нашите сограѓани ставајќи го вашиот живот во опасност“, рече Шилегов.
Тој нагласи и дека Градот Скопје вложува во опремување и во модернизација на Противпожарната бригада и истакна дека за таа цел годинава од буџетот на градот се издвоени околу 134 милиони денари. Како што рече Шилегов, со овие средства ќе се изврши набавка на нова совремна опрема, во согласност со европските стандарди, која пожарникарите долго време ја очекувале.
Скопскиот градоначалник исто така кажа дека оваа година во Бригадата за противпожарна заштита предвидено е да бидат примени нови 50 пожарникари.
„Согласно со европските стандарди, пропорцијата е еден пожарникар на 1 500 жители, додека моменталната состојбата во Скопје е еден пожарникар на 3 500 жители. Со овие вработувања ќе се зголеми капацитетот на бригадата за справување со предизвиците при извршувањето на работните задачи, а истовремено ќе е чекор поблиску до исполнување на европските стандарди. Заштитата од пожари и безбедноста на граѓаните е од исклучително значење за Градот Скопје. Секој спасен живот на наш сограѓанин е бесценет и без вас оваа хумана мисија би била невозможна“, потенцираше Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.