Македонија
Јаневска на вишокот наставници ќе им понуди вработување во Бирото за развој на образованието и други просветни институции
На наставниците што ќе бидат вишок по спојувањето на учениците во паралелки од дваесет ученици, наместо како досега во паралелки од само неколку ученици, ќе им биде дадена можност да бидат ангажирани во додатна и дополнителна настава во училиштата, но ќе им биде понудено и да се вработат во просветните институции, кои кубурат со кадар. Министерката за образование Весна Јаневска вели дека во 10 општини успешно е направена оптимизација, со која малите паралелки се споени со оние во централните училишта со цел сите учениците да добијат еднакви услови за образование, а во следниот период тоа ќе се направи во уште 20 општини.
„Кога ќе направиме нормални паралелки, не паралелки од 10, 15 ученици, туку ќе ги сведеме на 20 ученици, наставникот, кој е вишок, ќе продолжи да работи во втората половина на денот според програмата на училиштето која опфаќа многу додатни предмети, изборни, воннаставни активности, други наставни активности, работа со деца што имаат тешкотии во учењето, работа со талентирани деца, дополнителна настава, додатна настава, општествено корисни работи. Идејата е дека целиот пул на наставници треба да го искористиме за учениците да постигнат подобри знаења. Дополнително, познато е дека одредени институции во државата се со слаби човечки капацитети. Јас ќе ги набројам Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Центарот за средно стручно образование, кои имаат потреба од искусни, сериозни луѓе. Откога ќе направиме мали измени во законите, ќе им понудиме на наставниците да се префрлат во овие институции за да може да дадат свој импакт во образованието “, рече денес министерката Јаневска.
Со спојувањето на паралелките министерката Јаневска смета дека учениците ќе добијат подобри услови за учење, ќе имаат поголем број наставници, ќе се социјализираат со врсниците, а во исто време ќе се намалат трошоците за одржување на училиштата. Очекува резултатите што ќе ги постигнуваат да бидат исти со оние што ги постигнуваат учениците во Европската Унија.
Македонските ученици учат 900 часа помалку од просекот, вели претставничката на УНИЦЕФ
Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ, кој е партнер во спроведувањето на проектот за оптимизација на училиштата, вели дека има повеќе причини за слабите резултати на македонските ученици.
„Како што сите знаете, во Северна Македонија има криза во учењето со слаби резултати на учениците според последното ПИСА-оценување, односно над две третини од учениците имаат слаби резултати во читање, математика и во науки. Има многу причини за ова. Една од важните причини е тоа што учениците поминуваат малку часови во учење. Во основните училишта овде учениците имаат 900 часа помалку учење отколку ОЕЦД-просекот“, рече Милер и нагласи дека реформи се неопходни и поради тоа што образовниот систем не го следи темпото на демографските промени.
Целта на реформите е да се подобри квалитетот на образованието еднакво и за оние во урбаните средини, но и за оние ученици од руралните средини, кои имаат само еден или двајца соученици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времен прекин во работењето на системот е-Даноци, соопшти УЈП
Управата за јавни приходи известува дека, поради извршување на неопходни интервенции на системот е-Даноци, денес (среда), од 16:30 часот, истиот ќе биде недостапен.
Во овој период, даночните обврзници нема да можат да поднесуваат пријави и други електронски поднесоци преку системот е-Даноци.
Во периодот додека трае интервенцијата останатите системи на УЈП ќе бидат во функција и даночните обврзници непречено ќе може да поднесуваат пресметките за исплата на личен доход во е-ППД, вклучително и пресметки за плата (МПИН).
Се предвидува интервенцијата да трае неколку часови, а по завршување на активностите системот е-Даноци повторно ќе биде ставен во функција.
Апелираат до сите корисници на овој систем да ги завршат своите итни и неодложни обврски пред започнување на интервенцијата.
Македонија
Потценувачки и смешен е обидот на СДС и Филипче за дистанцирање од ДУИ и Груби, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС и Филипче продолжуваат да го играат спектаклот на дистанцирање од ДУИ, и се уште не се извинија на народот бидејќи дозволија Груби да краде а народот да осиромаши.
„Потценувачки и смешен е обидот на СДС и Филипче како и сите нивни маневри за дистанцирање од ДУИ и Груби. Народот не може да биде повеќе манипулиран со евтини обиди на СДС за дистанцирање од ДУИ и токму поради тоа рејтингот секојдневно им се топи и е во слободен пад. СДС беше на власт благодарение на својата сервилност кон ДУИ, СДС беше на власт поради тоа што се однесуваа како слуги на ДУИ“.
Како што велат од партијата на власт, обидот на СДС да се одржи по секој цена на власт беше основата за коалицијата со ДУИ што доведе до распространување на криминалот и осиромашување на народот.
„Обидот на Филипче да се дистанцира од ДУИ не само што е апсурден туку е и лицемерен затоа што тој е помеѓу оние кои му овозможија на бегалецот Груби и ДУИ криминалот да го претворат во системска пракса. СДС и Филипче треба да се извинат на граѓаните што ги злоупотребуваа народните пари, што знаеја и дозволија Груби да прави криминал а неправдата и беззаконието да царуваат“, додаваат од партијата на Мицкоски.
СДС, додаваат, или ќе направи искрена ревизија на својата политика и целосно ќе се оттргнат од ДУИ или ќе продолжат да тонат во сопствената криминална кал.
Македонија
„Кошничките“ на власта се целосно промашување, донесоа поголема скапотија за граѓаните, велат од СДСМ
Политиките на власта на Мицкоски и ДПМНЕ со т.н „кошнички“ се покажаа како целосно промашување. Цените не се намалија, туку за одредени производи и се зголемија, оценуваат од СДСМ.
„Кошничките“, како штп велат, донесоа поголема скапотија за граѓаните.
„Зејтинот, јајцата, шекерот, млечните производи, грашокот, гравот, леќата, сѐ е поскапено.
Оваа сурова реалност која граѓаните ја гледат во маркетите и продавниците секој ден е најголем показател за фарсата којашто ја приреди власта. Од „кошничките“ се збогатија големите трговци, дестина милиони евра се извлечени од џебовите на граѓаните со амин на Мицкоски и ДПМНЕ.
Последните податоци од Државниот завод за статистика уште еднаш го потврдуваат тоа –цените растат, граѓаните имаат се поголеми трошоци за живот а се помалку пари во цебовите“.
Од СДСМ додаваат дека трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4%, основните животни производи, без кои не може да се замисли ниту еден дом, поскапеле за 4,3%.
Според опозициската партија, политиките на Мицкоски се јасно насочени кон заштита на интересите на големите трговци и елитата.
„Додека 99% од граѓаните сè повеќе се борат со зголемените трошоци за живот, 1% – оние блиски до власта – профитираат на нивна сметка.
Оваа политика на Мицкоски ги турка семејствата во уште поголема економска несигурност и во поголема сиромаштија“, нагласуваат од СДСМ.