Македонија
Бубевски најави кривична пријава за заканата од адвокатот на Ејуп Алими

Обвинителот Гаврил Бубевски од СЈО за „Макфакс“ рече дека ќе поднесе кривична пријава за заканите на адвокатот на обвинетиот координатор на ДУИ, Ејуп Алими, за денешното рочиште во предметот „Титаник 3“.
„На судењето реков дека изјавата е дадена од очај, но поради овој начин на комуникација, ќе поднесеме кривична пријава до Обвинителството во текот на утрешниот ден“, рече Бубевски.
Адвокатот Мефаиљ Арслани во реакција до јавноста пиша дека наводите што беа изнесени во судот на обвинителката Фетаи се невистинити и побара јавно извинување. Демантира дека тој или неговиот клиент му се заканувале на обвинителот Гаврил Бубевски. Во реакцијата пиша и дека ќе ги побара снимките од рочиштето од судот за, како што објасни, да ја демантира обвинителката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улично куче нападна дете во Битола, било пренесено во болница

Улично куче нападнало осумгодишно дете на плоштадот во Битола. Детето со повреди на челото било хоспитализирано, а по медицинската помош е пуштено дома.
За настанот реагираа и од Општина Битола.
„Општина Битола, изразува длабоко жалење за немилиот настан, кој се случил вчера во угостителски објект на Плоштадот Магнолија, при што осумгодишно дете се здобило со повреда на челото, како резултат на напад од улично куче. Благодарение на навремената интервенција, детето е соодветно згрижено во Одделението за максилофацијална хирургија при Клиничката болница во Битола, каде што му е пружена неопходната медицинска помош. Повредата е санирана, а детето е пуштено на домашно лекување со препишана терапија и лекарски препораки“, велат од таму.
Во денешниот контакт со родителите, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, беше информиран дека детето се чувствува добро, но сеуште чувствува страв, после вчерашната случка, иако станува збор за дете кое ги сака кучињата и честопати знае да игра со нив.
Коњановски посакувајќи му брзо закрепнување на детето, во разговорот со родителите нагласи дека, општината интензивно работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња.
„Овој инцидент уште еднаш ја потенцира потребата од систематско и долгорочно решение на проблемот со бездомните кучиња.
Прифатилиштето „Хачико“, кое започна со работа во октомври 2024 година, претставува важен чекор во воспоставувањето организиран пристап за справување со оваа проблематика. Работата на прифатилиштето мора да биде поддржана, а не дискредитирана, како што за жал беше случај изминатата недела, од одредени субјекти“, велат од Општина Битола.
Македонија
Во Скопје се лекуваат девет повредени во пожарот во Кочани, во странство 48

Во Скопје се лекуваат уште девет повредени од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а во странство 48, информира министерот за здравство, Арбен Таравари. Двајца пациенти се во критична состојба, останатите се стабилни.
„Во Скопје има девет пациенти, од кои двајца во Клинички центар на Пластична хирургија, еден пациент во „8 септември“, во стара градска болница четворица пациенти и двајца пациенти во приватните болници. Сите се во релативно добра и стабилна состојба. Во странство се лекуваат 48 пациенти од кои очекуваме денеска еден да биде пуштен дома. Од пациентите кои се лекуваат во странство само уште двајца се во критична состојба. Другите се на рехабилитација или чекаат оперативни зафати“, рече Таравари.
Тој кажа дека во моментов има 57 пациенти на болничко лекување од вкупно 193 пациенти кои беа хоспитализиарани по несреќата.
Министерот сподели една добра вест – пациентка која два пати била реанимирана, сега е во добра состојба и почнала да се движи.
Македонија
Таравари верува дека и без „Влен“ во некои општини можат да постигнат добар резултат на локалните – утре ќе се знае дали ќе настапат сами

Партијата Алијанса за Албанците на Арбен Таравари на состанок на Централното претседателство, утре, ќе одлучи дали на локалните избори ќе учествува заедно со „Влен“ или сама.
Таравари рече дека пред нив се тие две опции и не постои трета. Сепак, има некои општини кадешто партијата на Таравари верува дека и сама може да направи добар резултат. Во таа насока ги спомена Гостивар, Врапчиште, Дебар, Боговиње, Теарце, Сарај.
Во врска со изјавата на Билал Касами дека тој што ќе се оддели од групата ќе го јаде волкот, Таравари рече дека тоа е негов став, но верува дека Касами избрзува кога дава изјави.