Македонија
СЈО преслушало 96 отсто од „бомбите“

Специјалното јавно обвинителство од вкупно 606.555 аудиофајлови со кои располага, обработило 96 отсто, се вели во Извештајот за работата на ова обвинителство за периодот септември 2018 – март 2019 година. Досега издвоени се 453.281 приватни разговори, а анализирани се вкупно 56 отсто од СМС-пораките со кои располага ова обвинителство.
Во извештајот повторно се потенцира дека се очекува во што пократок рок да се донесе законско решение со кое ќе му се овозможи на СЈО да стане интегриран дел од јавнообвинителскиот систем во државата.
„И покрај донесеното правно мислење на Врховниот суд во однос на постапувањето на ова обвинителство, како и повикувањето на ваквото мислење од страна на дел од осомничените и нивните бранители, евидентно е дека ова Јавно обвинителство постапува исклучиво во рамки на своите законски овластувања во рамки на предметите што ги води“, пишува во извештајот.
Во однос на ова, СЈО алудира на истрагата за предметот „Империја“ каде што Орце Камчев и Сашо Мијалков беа ослободени од куќен притвор врз основа на начелното правно мислење на Врховниот суд со кое СЈО е неовластен тужител да отвора истраги по 1 јули 2017. Од СЈО тврдат дека во решенијата на Апелациониот суд стои дека во случајот не станува збор за за покренување обвинение, туку за воспоставување надлежност врз тековен предмет врз предмети кои претходно биле под надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и основните јавни обвинителства во Скопје и во Битола.
Од СЈО информираат дека од септември лани досега отворени се предистражни постапки за 81 предмет. Вклучувајќи ги претходно отворените предистраги, досега во СЈО се работи на вкупно 243 предистражни постапки.
Во истиот период, СЈО отворило 8 нови истраги против вкупно 64 лица.
Од одобрениот годишен буџет од 3,7 милиони евра, СЈО годинава потрошило 16 отсто од парите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Границите во колапс, по еден час се чека на Табановце и на Богородица

Зголемена фреквенција на возила и чекање од околу еден час се евидентирани на граничните премини Табановце и Богородица, информира Авто-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ). На останатите гранични премини, според АМСМ, сообраќајот се одвива нормално без подолги задржувања за влез или излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, но интензитетот на возилата е зголемен, особено надвор од градските средини.
Од АМСМ препорачуваат зголемено внимание при управување со возилата, прилагодување на брзината, како и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони.
Македонија
Критични пожарите кај Крушје и Локвица, огнот во Николич го гаснат „ер-трактор“ и хеликоптер

Од вкупно околу 15 активни пожари на отворен простор низ земјата, три се оценети како најсериозни: во атарот на дојранското село Николич, кај велешкото село Крушје и кај селото Локвица на територија на општина Македонски Брод. Овие пожари, според првичните проценки, бараат пообемна и посложена интервенција на терен.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека особено тешки услови за гаснење има кај пожарите во Крушје и Локвица, кои избувнаа во текот на денешниот ден.
„Пожарот во село Николич трае веќе повеќе од една недела. Уште рано утринава, на терен се активирани екипи на „Национални шуми“, заедно со локалните противпожарни служби од Валандово, Гевгелија и Дојран, како и екипи на ДЗС. Поддршка дава и Единицата за брзо распоредување (ЕБР) со пожарникари од Кавадарци, кои користат водени топови од специјализирани возила“, изјави Ангелов.
Дополнително, како воздушна поддршка, од утрово во гаснењето е вклучен и еден ер-трактор од типот „амфибија“ на ДЗС, со носивост од три тона вода.
„Авионот црпи вода од Дојранското Езеро, што овозможува прецизно и ефикасно гаснење на критичните точки. Дополнително, се приклучи и еден армиски хеликоптер со ведро со капацитет од три тона вода“, додаде Ангелов.
Македонија
Младите на „Галичка свадба“ добија подарок од претседателката Сиљановска Давкова

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и годинава беше дел од манифестацијата „Галичка свадба“, каде што одблизу ги проследи свадбарските обичаи кои со децении го негуваат македонското културно наследство и ја афирмираат националната традиција.
Како што информира Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова им честитала на младенците Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски, посакувајќи им среќен и исполнет заеднички живот, полн со љубов, разбирање и многу деца. На новиот брачен пар, претседателката им подари „галичка пафта“ – симболичен подарок со мотив од мијачката носија, карактеристична за регионот на Галичник.
Претседателката истакна дека „Галичка свадба“ не само што ги негува традициите, туку ја промовира македонската култура на светската сцена.
„Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што нѐ прави посебни и уникатни мора да се зачува. Радосна сум што младите ја прифаќаат оваа традиција и ја продолжуваат“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека Галичник, со својата автентична архитектура, историја и природна убавина, има потенцијал да биде културно-туристички центар што ќе живее преку целата година, а не само за време на свадбарската манифестација.
Манифестацијата започна со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичното „фрлање“ пушка од куќата на зетот, а по венчавањето во црквата „Св. апостоли Петар и Павле“, продолжија традиционалните обичаи.
„Галичка свадба“ традиционално се одржува околу празникот Петровден, време кога печалбарите се враќале во родниот крај за да се женат, а оваа културна манифестација со децении се одржува под покровителство на претседателот на државата.