Спорт
Милевски: Верував во квалитетите на нашите фудбалери, имаме потенцијал уште
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски е задоволен од изданието на неговите избраници на вечерашниот натпревар со Исланд.
Тој им го честиташе пласманот во баражот на репрезентативците за кои е убеден дека располагаат со квалитети за поголеми успеси.
Милевски на прес-конференцијата по натпреварот во Скопје, не заборави да ја истакне и заслугата на претходниот селектор со кого македонската репрезентација ги започна квалификациите за Мундијалот 2022.
„ Честитки до моите фудбалери. За успехот е заслужен и мојот претходник Игор Ангеловски и играчите кои беа дел од овој квалификациски циклус. Раниот гол на Алиоски ни ја олесни работата. Исланд е сериозна репрезентација и бевме свесни дека до крајот моравме да бидеме
максимално концентрирани. Ние доминиравме во текот на целиот меч и задоволен сум од сите кои добија шанса. Сепак ќе кажам дека не сме стигнати до нивото кое јас го посакувам. Имаме потенцијал да напредуваме уште и сите се ставени во функција на такво нешто. Јас уште од самото доаѓање на селекторската функција верував во квалитетите на нашите фудбалери и тие целосно ја оправдаа довербата, рече Милевски.
Македонските фудбалери го освоија второто место во Ј-групата во квалификациите за Светското првенство 2022 во Катар и за првпат во историјата изборија учество во баражот. Ждрепката за групите во плејофот ќе биде извршена на 26 ноември, а натпреварите ќе се играат во март следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Брињоне златна во велеслалом, Хектор и Стјернесунд го поделија среброто
Неверојатната Федерика Брињоне го освои второто злато на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина. По победата во Супер-Џи, Италијанската победи и во велеслалом.
Брињоне беше фантастична во првото возење (1:03,23), но и во второто, и покрај фактот што направи мала грешка на почетокот на второто возење.
Златото во велеслалом ѝ донесе вкупно време од 2:13,50, таа беше 0,62 секунди пред Сара Хектор од Шведска и Теа Луис Стјернесунд од Норвешка, кои го поделија среброто во фантастичен пресврт на настаните.
Брињоне сега има вкупно пет олимписки медали. Ова се нејзините први златни медали.
По првото возење, четвртото место го поделија три скијачки од Шведска Сара Хектор, Норвежанката Теа Луис Стјернесунд и Албанката Лара Колтури. Сите три ја завршија првата трка за 1:03,97.
Неверојатно е што Хектор и Стјеренсунд имаа ист резултат и во втората трка (1:10,15), вкупно 2:14,12! Во второто возење, Колтури беше 0,70 секунди зад двете.
Разочара најуспешната скијачка во историјата, Микаела Шифрин. Американката трката ја заврши на 11-то место.
Македонската скијачка Јана Атанасовска, прв пат се појави на Зимските олимписки игри. Таа стартуваше како 61-ва, не успеа да ја заврши првата трка. Атанасовска излета од патеката по 30-тина секунди.
Следен настап на Атанасовска на Олимпијадата во Италија ќе биде во среда, кога на програмата е трката во слалом.
Foto/ EPA
Спорт
Драма во потерата на 12 километри, златото за Понсилуома
Шведскиот биатлонец Мартин Понсилуома го освои златниот медал, во потерата на 12 километри на ЗОИ во Милано и Кортина.
Се чинеше дека Емилиен Жакелан убедливо ќе го освои златото, додека зад него се водеше голема борба за преостанатите две места на подиумот.
Сепак, Жакелан потфрли на последното пукање, имаше две промашувања, што му ја отвори вратата широко на Понсилуома, кој со нетрпение ја прифати можноста што му се укажа и на крајот стигна до златото.
Ова е негов втор олимписки медал во кариерата, тој освои сребро во Пекинг во трката на 15 километри (масовен старт).
Во Милано и Кортина беше деветти во трката на 20 километри, седми во трката на 10 километри и петти во мешаната штафета 4×6 километри.
По грешките во гаѓањето, Жакелан остана не само без златото, туку и без сребрениот медал, на крајот мораше да се задоволи со третото место.
Норвежанецот Струла Холм Лагрејд исто така ја искористи својата можност да го престигне во трчањето. Лагрејд го освои својот трет медал во Милано и Кортина. Тој освои бронзени медали на 10 и 20 километри.
За Жакелан, ова се трети Олимписки игри. Во Пекинг, тој освои сребрени медали во штафетите 4×7,5 километри и 4×6 километри. Во Милано и Кортина, тој беше четврти во спринтот на десет километри и 55-ти во поединечната трка од 20 километри.
Понсилуома ја заврши трката за време од 31:11,9, Легрејд заостануваше 20,6 секунди, а Жакелан заостануваше 29,7 секунди.
Foto/ EPA
Спорт
Деветто злато за Клабо, четврто на ЗОИ оваа година
Јоханес Хесфлот Клaбо ја испиша историјата на крос-кантри, со освојувањето на деветтиот златен олимписки медал, четврти на Игрите во Милано и Кортина.
Од денес, Клaбо е официјално најуспешниот олимпиец во крос-кантри, тој го престигна Бјорн Дели, кој освои осум златни медали, и вкупно 12 медали.
Во неделата, Норвежаните го освоија златниот медал во штафетата 4×7,5 километри. Со Клабо,како скијач во последната измена, штафетата ја сочинуваа Емил Иверсен, Мартин Левстрем Нингет и Ејнар Хедегарт.
Норвежаните ја завршија трката за 1:04:24,05.
Клабо не е само најуспешниот спортист кога станува збор за крос-кантри, тој е првиот спортист со освоени девет олимписки медали на Зимските олимписки игри. Покрај тоа, тој има еден сребрен и еден бронзен.
Марит Бјерген, 15, освои најмногу медали вкупно, но „застана“ на осум златни, исто како и Бјорн Дели.
Среброто им припадна на Французите, екипата составена од Тео Шели, Уго Лапалус, Матис Делож и Виктор Ловера. Французите имаа задоцнување од 22,2 секунди.
Италијанците Давиде Грац, Елија Барп, Мартино Карло и Федерико Пелегрино ја освоија бронзата. Италијанците беа 47,9 секунди зад Норвежаните.
Клабо има можност да освои уште две златни медали на Игрите во Милано и Кортина. До крајот на Игрите во крос-кантри, во машка конкуренција, нè очекуваат тимски спринт и масовен старт на 50 километри.
Foto/ EPA

