Меѓународен
Почнува 3. сезона на Twingo Cup
Единственото натпреварување во кое македонски возачи ќе се испробаат на вистински тркачки патеки во Европа, Twingo Cup викендов ја почнува третата сезона. Возење со подеднакво подготвени возила и шест различни европски патеки се предизвик за деветтемина Македонци кои од април до октомври ќе се борат за титулата на сезоната, која вклучува и парична награда, но и за главната награда – електричниот автомобил Renault Twizzy што ќе го добие најдобриот возач од сите три сезони.
Twingo Cup им нуди можност на натпреварувачите да ги покажат своите возачки способности и да уживаат на патеката. Покрај за Twingo Cup во кое има засега 33 пријавени возачи, истите трки ќе се бодуваат и за FIA CEZ првенството, и за националните првенства на Словенија и на Македонија, а трофеи ќе им бидат доделени и на најдобрите во категоријата „Junior“ за возачи до 23 години, како и категоријата „Gentlemen“ за возачи над 40 години.
Организаторот Aутомотив Груп и АКК Рено Спорт Скопје сезонава ќе им овозможат на возачите да имаат вистински предизвик со учество на патеки на кои се вози и Формула 1, а Twingo Cup ќе биде придружен дел од тркачките викенди на одредени патеки каде исто така ќе се возат трки од различни серии.
„И покрај тешките времиња пред се поради короната, успевме да организираме две сезони од Twingo Cup. Секоја сезона одиме чекор напред, следејќи ги амбициите на нашите натпреварувачи. Учиме како клуб, како организатор и како натпреварувачи и секоја сезона сме се подобри. Twingo Cup е подеднакво и натпреварување, и дружење и забава. Најважно е што можеме да покажеме, а и досега покажавме дека и во овој спорт имаме и таленти и зрели возачи. Сезонава првпат ќе возиме на патеки како што се Ред Бул Ринг, Брно и Монца. Тоа се нови предизвици за нашите натпреварувачи, за нивните можности и чекор напред во нивната афирмацијата, но и на македонскиот авто спортот надвор од државата. Ги знам добро и верувам во момците кои ги управуваат овие ‘мали количиња’ дека имаат квалитет да се носат со конкуренцијата. Голема благодарност и до спонзорите Аутомотив Груп, С-лизинг, ПСС, Триглав и Агенцијата з амлади и спорт кои не следат во оваа европска авантура на Twingo Cup“, вели Зоран Калеников, организаторот на Twingo Cup.
Од пријавени се 33 возачи од шест држави во Twingo Cup, најбројни се оние од Словенија, а од Македонија ќе има девет возачи. Ќе има и возачи од Србија, Италија, Чешка и Австрија.
Во првенството на Македонија ќе се борат девет возачи. Петмина се членови на АКК Рено Спорт Скопје, двајца се од Свифт рејсинг, и по еден член имаат АКК Проспорт и АКК Сити Скопје. Ќе има и двајца дебитанти кои ќе возат на познатите патеки во Европа заедно со другите натпреварувачи. Тоа се Борис Стојменов и Мурис Хамзиќ, кои ќе бидат во возила на AKK Рено Спорт Скопје.
Актуелен првак во Automotive Twingo Cup за 2021 година е Давид Малинковски кој лани освои 122 бода и победи на четири од вкупно осум трки, а шестпати беше на пиедесталот. Лани имаше петмина различни победници на трките од Automotive Twingo Cup.
Натпреварувачи во Automotive Twingo Cup
Борис Стојменов – АКК Рено Спорт Скопје
Ненад Костовски – АКК Рено Спорт Скопје
Ангелче Стојковски – Свифт Рејсинг
Давид Малинковски – АКК Рено Спорт Скопје
Владимир Тренески – Свифт Рејсинг
Слободан Трајковски – АКК Рено Спорт
Зоран Мираковски – АКК Проспорт
Марко Блажевски – АКК Сити Скопје
Мурис Хамзиќ – АКК Рено Спорт
Сезонава планирано е да се возат вкупно 12 трки на шест патеки во Европа. Twingo Cup ќе се вози на познатите Ф1 патеки во Унгарија, Австрија и Италија, како и на патеките во Централна Европа каде заедно во ист тркачки викенд ќе се возат и трки од TCR Eastern Europe, FIA CEZ, FX Series покажувајќи ја сериозноста на организаторите ова натпреварување да биде со сериозни натпреварувачи на познати светски тркачки патеки.
Новата сезона на Twingo Cup почнува на 8 април 2022 година со трка на Хунгароринг, Унгарија, а треба да заврши со трка на уште една Ф1 патека на 30 октомври на Монца, Италија. На секоја патека, вкупно шест, ќе се возат по две трки. Единствено останува да се прецизира точниот датум на трката на Серез, Грција која е закажана за октомври.
Календар на Twingo Cup 2022
8-10 април – Хунгароринг, Унгарија
3-5 јуни – Редбул Ринг, Австрија
23-24 јули – Гробник, Хрватска
9-11 септември – Брно, Чешка
октомври – Серез, Грција
29-30 октомври – Монца, Италија
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Меѓународен
Како од Македонија да дојдете до билет за Вимблдон
Вимблдон, зад сцената
Ако после прочитаниот наслов, веднаш влеговте во „филм“ како сте на Вимблдон, гледате тенис и јадете јагоди со шлаг, пред да продолжите со читањето, најпрвин расчистете со две работи: прво, ако добивањето британска виза ви е невозможна мисија, тогаш овој текст не е наменет за вас. И, второ, веднаш заборавете дека присуството на тенискиот турнир, значи и можност дека ќе најдете начин да купите билет за машкото финале. Во моментов тој чини од 10.000 евра нагоре, но го нема во продажба. Сè помеѓу овие две крајности, е реална опција за секого на светот, па и за било кој Македонец, желен да присуствува и гледа тениски мечеви на Вимблдон.
Но, да тргнеме со ред, додуша, обратен, а тоа е дека имате виза и билет и сте се упатиле кон Лондон. Вообичаено, тенискиот турнир се оддржува секоја година во последната седмица од јуни и првата од јули (но, не и оваа година). Од која год страна да го нападнете Лондон, односно дали кон центарот ќе се приближувате од Хитроу, Гетвик, Лутон или Станстед, прво што ќе ви падне во очи, движејќи се од периферијата кон центарот и Пикадили, е дека и на еден ден пред почеток на турнирот, но и за сите четиринаесет дена додека трае турнирот, во Лондон нема да забележите никаков билборд, реклама или било каква најава, која ќе ви сугерира дека во градот се одржува најстариот и најпрестижен тениски турнир во светот. Од друга страна, на сите страни ќе ве опкружуваат знамиња со бои на виножито, бидејќи периодот кога се одржува тенискиот турнир, се поклопува со т.н. Месец на гордоста. Се чини, како остатокот од светот повеќе да го почитува и е опседнат со турнирот, отколку самиот град кој е домаќин.
Инаку, Вимблдон е населба во Лондон, исто како, на пример, мојата Кисела Вода во Скопје. Дури кога ќе пристигнете во оваа населба, ќе забележите турнирски знамиња, постери, големи жолти тениски топки и убаво декорирани саксии со цвекиња во пурпурна боја, која е карактеристична боја за турнирот. Да, пурпурната, а потоа темно зелената, но не и белата. Сепак, и тука паралелно ќе ги гледате и знамињата на
виножито, па оправдано ќе се прашате: зошто во остатокот на Лондон нема знамиња на Вимблдон, а во Вимблдон има знамиња со боја на виножитото.
Самиот комплекст на тениските игралишта се наоѓа во таканареченото Вимблдонско село, и сите осумнаесет терени се сконцентрирани едни покрај други, а сè заедно е заградено со висока ограда, така што влез внатре во селото е можен само со билет или пропусница. Значи, дојдовме до клучното прашање од почетокот на текстот – како да се набави билет.
Првата можност (која е тешко спроведлива за некого кој живее во Македонија, но не и за Македонец во Лондон) е преку гласачки ливчиња. Тоа значи дека поголемиот дел од билетите ѝ се продаваат на пошироката јавност со јавно гласање што го одржува Ол Ингланд Клубот во јануари секоја година. Апликациите се испраќаат во текот на цел декември. Успешните апликанти се избираат по случаен избор на компјутер и оној кој ќе биде избран има временски рок до кога треба да го купи доделениот билет. Проценките се дека при изборот, за секој билет има по четворица кандидати. Она што е важно да се знае е дека местата и деновите за кои ви се однесува билетот се распределуваат по случаен избор, така што вие плаќате билет, без да знаете за кој ден и кој натпревар се однесува.
Втората можност, која е пореална за тенискиот ентузијаст од Македонија, е да се купи билет за целиот комплекс на Вимблдонското село, што ви овозможува цел ден да ги гледате тениските натпреаври на сите стадиони, освен на оние за кои е потребен посебен билет, а тоа се Централниот терен, Теренот број еден, два, три и четири (иако и за нив организаторот знае дневно да пушти по стотина билети во продажба).
Како и да е, ви остануваат на располагање повеќе од десетина игралишта на кои цел ден можете да гледате тенис, јадете јагоди со шлаг и пиете Пимс (газиран алкохолен пијалок од џин и пунч, привлечен на изглед, но грозен на вкус. Како декорација на чашата, каде обично се става лимета или портокал, на Вимблдон го служат со округло исечено парче краставица. Среќа што е свежа, а не кисела). Таквиот билет во првата седмица чини околу 30 фунти (да, добро прочитавте, околу 35 евра) ако го купите на почеток на денот, а може да падне и на пет фунти(!) ако го платите при крај на денот, кога повеќето мечеви се завршени или се при крај. Во втората седмица овие билети се уште поевтини. Звучи парадоксално, но има логика: иако втората недела се играат поквалитетни натпревари, тогаш нивниот број е многу помал од првите седум
турнирски денови, кога мечевите започнуваат од 11 часот, и се играат до почеток на стемпување, околу 21 часот.
Но, тоа што се ефтини овој вид на билети, значи дека е многу потешко да се дојде до нив. Ако за гласачките ливчиња односот беше четири апликанти за еден билет, овдека проценката слободно може да биде и десетина кандидати за еден билет. За да добијат пристап до овие терени, фановите, вообичаено, треба да чекаат во ред преку ноќ. Најупорните доаѓаат некаде околу 22 часот за изутрината да бидат меѓу првите пред касата.
Чекањето за билети на Вимблдон е претворено во класично кампување, со шатори, полска опрема, вреќи за спиење и тука можете да сретнете луѓе од целиот свет. Локалците ги сметаат за скитници, иако тие го вреднуваат таквото искуство, па, и по цена да не успеат да купат билет. Следната година повторно ќе пробаат. Некои пробуваат и по пет години и се безуспешни.
Оние среќните, кои ќе дојдат до такви целодневни билети и се наоѓаат внатре во Вимблдонското село, имаат можност да купат билети на препродажба за Централниот и Стадионот број еден. Шемата е следна: на гледач кој решил порано да го напушти мечот, неговиот билет се скенира и местото како слободно се става на препродажба до завршување на натпреварот. Цената на таквиот билет е симболична 10-15 фунти, а парите се наменети за хуманитарни цели. За Инстаграм его триповите многу поефтино, отколку што ќе потрошат во некој скопски клуб, за да снимат селфи.
Последната можност да дојдете до билет и тоа за главните терени и за блокбастер мечевите е татко ви да е ЦЕО или член на бордот на Најк, Адидас, Ролекс, Јагуар, Шлезингер, Евиан и други партенри на турнирот, па да ви го даде гратис.
Има уште една опција, многу поблиска за читателите на Макфакс и Топспорт, а тоа е лично да го познаваат авторот на овој текст. Секој мај, акредитираните странски известувачи од Вимблдон добиваат понуда од организаторот да аплицираат за билети за главните терени и доколку барањето им биде одобрено, билетите ќе можат да ги продадат на пријатели. Но, исклучиво по куповна цена. Доколку има заинтересиран, нека ми се обрати во втората половина на наредниот мај. А, до тогаш, нека бара начин како да ја преброди визната бариера.
Од специјалниот известувач од Вимблдон
Ненад Живановски
Меѓународен
Фудбалската бајка за Меси заврши со светска титула по пенал-серијата против Франција
По едно неверојатно драматично финале, Аргентина ја освои својата трета светска титула, победувајќи ја Франција на пенали со 4:2 по неверојатните 120 минути во кои беше 3:3, за Лео Меси, конечно, да ја круниса својата фантастична кариера со најголемиот трофеј во фудбалот.
На моменти на финалето во Доха изгледаше дека Аргентинците не можат да загубат, но Франција секогаш успеваше начин да се врати, предводени од хет-трикот на Килијан Мбапе, за на крајот трофејот да се одлучува во пенал-серијата, каде што Аргентинците беа безмилосни и постигнаа четири гола, додека Кингсли Коман и Орелиен Чуамени не дадоа голови.
Аргентина имаше 2:0 водство по само 36 минути игра, откако Лео Меси со гол од пенал и „џокерот“ Анхел ди Марија ја крунисаа одличната игра и тоталната „блокада“ на Французите. Откако првпат упатија удар на голот на противникот по повеќе од час игра, Французите направија неверојатен камбек – за 95 секунди Килијан Мбапе даде два гола, еден од пенал и еден од игра, за да се отиде во продолженијата. И во продолженијата не недостасуваше драма – Лео Меси го постигна својот втор гол и до трофејот ги делеа 10-тина минути, пред да биде досуден уште еден пенал, кој Мбапе го реализираше за 3:3.
Во пенал-серијата, Мбапе повторно како прв беше прецизен, пред истото да го повтори Меси, но потоа обидот на Коман беше одбранет од Емилијано Мартинез, додека Чуамени шутна покрај голот за славје на Аргентинците.
Меѓународен
Утре почнува тенискиот турнир во Вимблдон
Од специјалниот известувач од Вимблдон
Во понеделник во Лондон започнува 135-то издание на најстариот тениски турнир Вимблдон, кој, многумина тенисери, го сметаат и за неофицијално светско првенство. Во наредните две седмици, најдобрите светски тенисери и тенисерки ќе се обидат да триумфираат во некоја од петте категории: машка, женска, игра во двојки и микс двојки.
За главен фаворит за освојување на третиот овогодишен гренд-слем турнир се смета минатогодишниот победник, Србинот Новак Ѓоковиќ, а, после него, ланскиот финалист, Италијанецот Матео Беретини. Вториот носител на турнирот, и освојувачот на двата овогодишни гренд-слемови, Рафаел Надал, доста е потценет од букмејкерите и се смета за трет кандидидат за победник на турнирот. Својот напад на седмата вимблдонска титула и 21-от гренд-слем, индиректно го најави и Новак Ѓоковиќ во изјавата за Макфакс и Топспорт дека е задоволен како му поминале подготовките, дека тие биле со ист квалитетни како и минатата година и дека се надева дека далеку ќе стигне на турнирот.
Наспроти очекувањата, како и секоја година, можни се изненадувања и некој од фаворитите да биде елиминиран од послабо рангираните тенисери, особено во првата седмица од мечевите. Таков неславен пример на последните два Вимблдона беше грчкиот тенисер Стефанос Циципас, кој, иако доаѓаше на турнирот рангиран меѓу првите десет тенисер, испаѓаше уште во првото коло. Шанса за успех за тенисерите од сенка да направат изненадување се гледа и во одлуката на организаторот да не им дозволи да настапуваат претставниците од Русија и Белорусија, така што првопласираниот на АТП листата, Русинот Даниел Медведев нема да биде присутен на зелените терени, исто као и второпласираниот, Германецот Александар Зверев, кој, поради повреда во полуфиналето на Роланд Гарос, исто така, ќе биде отсутен. Иако далеку од некогашната форма, своја желба да игра во финалето, најави и миленикот на домашната публика Енди Мареј.
Во женска конкуренција, најмногу шанси ѝ се даваат на првата тенисерка на светот Иги Швојтек од Полска, додека далеку зад неа се шампионката од 2019., Романката (со македонски корени), Симона Халеп и седмократната победничка на Вимблдон, Серана Вилијамс од САД. Женската конкуренција е далеку понепредвидлива од машката, така што можни се непредвидливи мечеви уште од првиот ден, па до самото финале.
Како и минатата година, единствен претставник од С. Македонија ќе биде осумнаесетгодишниот Калин Ивановски, кој ќе настапи во јуниорска конкуренција.
Наградниот фонд оваа година е зголемен на рекордни 40,35 милиони фунти, што е за 11 посто повеќе од 2021., кога тој изнесуваше 38 милиони фунти. Победниците во поединечна машка и женска конкуренција ќе добијат по два милиони фунти (2,35 милиони евра). Паричната награда е и единствеата сатисфакција за играчите, бидејќи оваа година асоцијациите АТП и ВТА нема да доделуваат поени на тенисерите и тенисерките, поради одлука на организаторите на Вимблдон да им забранат учество на натпреварувачите од Русија и Белорусија.
Од најпрестижниот тениски турнир ќе известуваат околу 550 новинари од над 50 земји. Како и на Вимблдон во 2019. и 2021., и оваа година Макфакс и Топспорт ќе имаат свој известувач од сите четиринаесет дена додека се одржува турнирот.
Ненад Живановски