Спорт
МЗТ победи во вечното дерби
Вечното дерби на Мак-баскетот заврши со победа на МЗТ, „металците“ го победија големиот ривал Работнички со 60:62 ( 13:15, 18:18, 15:19, 14:10).
Ненад Зивчевиќ, поранешниот играч на Работнички му пресуди на својот поранешен клуб, погодувајќи ги клучните слободни фрлања на 17 секунди до крајот на мечот. Зивчевиќ беше најефикасен во редовите на МЗТ со 16 поени на кои придодаде 10 скока и 2 асистенции. Со двоцифрен број на поени во екипата од Аеродром натпреварот го завршија Тони Грнчаров (12 поени, 10 скока) и Кирил Николовски (11 поени, 9 скока).
На спротивната страна тимот од Градски парк го предводеше ветеранот Перо Блажевски со 21 кош и 9 скока, Златко Гоцевски постигна 18 поени од кои 14 во втората четвртина кога не му дозволи на противникот да се одлепи на пристојна разлика.
Дербито двата тима го започнаа многу нервозно, како играчите да беа импресионирани од присуството на 6.000 публика. По почетните 6:6, МЗТ се одлепи на 13:8. Во првиот период „црвено-белите“ имаа очаен шут за три поени, не погодија ниту еден од петте обиди. Втората четвртина повторно подобро ја отворија играчите на МЗТ, стигнаа до највисоката предност од осум поени, но Работнички во игра го врати Гоцевски, во овој период тој постигна 14 од 18-те поени на тимот.
Настаните на ист начин се одвиваа и во вториот дел, МЗТ ја имаше, а Работнички ја бркаше предноста на противникот. Проблемите на екипата од Градски парк се зголемија кога првиот плејмејкер Мираковски влезе во проблеми со личните грешки.
Вистинските возбудувања дојдоа во последната четвртина, Работнички ја отвори фуриозно не дозволувајќи му на противникот да постигне кош речиси пет минути, и негативата од шест поени со серијата од 11:0 ја претвори во позитива од пет коша 57:52. МЗТ во тие моменти покажа карактер, на серијата на противникот одговори со своја од 6:0, во последните 20 секунди Стефанов израмни на 60:60, Зивчевиќ ги погоди слободните со кои на МЗТ му ја донесе победата.
„Одлично е да се победи во еден ваков амбиент, но морам да признаам дека немаше да биде незаслужено доколку победата му припаднеше на Работнички. Поголемиот избор на играчи кои ги имав на клупата беше пресуден за конечниот резултат, имав повеќе можност за измени и со пресингот кои го одигравме во одбраната го добивме натпреварот“, изјави веднаш по натпреварот тренерот на МЗТ, Александар Петровиќ.
По овој натпреварот, Работнички и МЗТ се израмнети според учинокот во првенството, двата тима имаат по пет победи и еден пораз, лидер на табелата е Фени Индустри со максимални шест победи. Во следното коло, кое ќе се одигра викендов МЗТ ќе го пречека Пелистер, а Работнички ќе му гостува на Овче Поле.крај/макфакс/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Голем пресврт на „Стенфорд Бриџ“ – Челзи го победи Вест Хем
Фудбалерите на Челзи, со пресврт во второто полувреме, го добија градскиот дуел со Вест Хем (3:2).
По оваа победа, Челзи го престигна Манчестер Јунајтед на табелата во Премиер лигата со 40 бода, „црвените ѓаволи“ имаат два бода помалку и натпревар помалку од тимот од Лондон.
По две победи по ред, Вест Хем го забележа својот 14-ти пораз, по што остана на 20 бода и на 18-то место во Премиер лигата.
„Чеканите“ имаа предност по првиот дел од 0:2. Стрелци на головите беа Боувен и Самервил.
Челзи одговори на вистински начин. Израмнување на „сините“ им донесоа играчите кои влегоа од клупата за резерви, Жоао Педро и Кукуреља, а победата ја обезбеди Енцо Фернандез со голот во 92-та минута.
На крајот, натпреварот го зачини тешакчата во финишот, Тодибо за врат го фати Жоао Педро, Мавропанос се обиде да му удри шамар на Палмер. Во целата таа мешаница само Тодибо доби црвен картон.
Спорт
Македонија против Украина или Словачка во баражот за СП
Ракометната репрезентација на Македонија добро помина на ждрепката, која ги одреди двојките за баражот, за пласман на Светското првенство.
Македонија ќе игра против победникот од претквалификацискиот дуел меѓу Украина и Словачка.
Македонија на 13 или 14.мај ќе гостува, а реваншот во Скопје ќе се одигра три дена подоцна.

Foto/ EPA
Спорт
Пол Џорџ падна на допинг тест
Кошаркарот на Филаделфија, Пол Џорџ, е суспендиран поради позитивен допинг тест.
Инсајдерот Шамс Чаранија, објави дека НБА го суспендираше Џорџ на 25 натпревари поради кршење на антидопинг прописите.
Пол Џорџ издаде соопштение во кое се вели:
„Во текот на изминатите неколку години, многу зборував за тоа колку е важно менталното здравје и поради тоа, направив голема грешка со тоа што самиот си земав лекови. Ја преземам одговорноста за моите постапки и им се извинувам на Севентисиксерс, соиграчите, навивачите и сите други за моите лоши одлуки за време на тој процес. Фокусиран сум на тоа да го искористам ова време за да го опоравам мојот ум и тело на најдобар можен начин и да му помогнам на тимот кога ќе се вратам“, рече Џорџ.
Не е наведено зошто Џорџ не го поминал допинг тестот.
Популарниот играч има 35 години и имаше просек од 16 поени и 5 скока во 27 натпревари оваа сезона.

