Спорт
Јуве потопен кај Наполи, Ибра го спаси Милан
Деветнаесеттото коло донесе смена на втората позиција на табелата, и намалување на предноста на водечкиот Милан кој во феноменален меч успеа да спаси бод дома против Удинеза. Наполи со сигурна игра против Јуве го мина Лацио на втората позиција
На неаполскиот стадион „Сан Паоло“, „Старата дама“ од Торино не се прослави и продолжи со настапите во тонот на своите клупски бои – црно бело. Против Наполи кој во последниот меч од колото се бореше да избие на втората позиција, торинците беа едноставно декласирани без да создадат некоја посериозна можност да се доближат до водството на домашните. Куриозитет е што на овој меч уругвајскиот напаѓач на Наполи, Единсон Кавани постигна хет-трик и тоа постигнувајќи ги сите три гола со глава во 20., 26. и 54. минута. На „Сан Сиро“ лидерот во Серија А по четирите водства на гостите од 1:0, 2:1, 3:1 и 4:3 успеа да зивлече бод благодарејќи на Златан Ибрахимовиќ кој беше прецизен во третата минута од судиското продолжение. Милан на своите навивачи им приреди вистинска драма дозволувајќи им на гостите од Удине да поведат и со два гола разлика. За Удинезе двоен стрелец беше Антонио Ди Натале во 35. и 66. минута, со што се зацврсти на водечката позиција на најдобрите стрелци сезонава во Серија А (13 голови), а покрај него стрелци беа и Санчез во 53. и Денис во 89. минута. За Милан двоен стрелец беше Александре Пато во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме и во 82. минута кога намали на 3:2 по асистенција на Ибрахимовиќ, а во истата минута со автогол резултатот го изедначи Бенатиа. Минатогодишниот освојувач на сите шест титули што клупскиот фудбал ги нуди во една сезона Интер за кого настапува и македонскиот репрезентативец Горан Пандев во неделата во 71. минута беше во негатива против Катаниа, откако домашните дојдоа во водство преку Гомез. Но набргу „нероаѕурите“ го превртеа резултатот во своја полза преку Естебан Камбиасо кој беше двоен стрелец во 75. и 79. минута. Сега Интер е 7-ми со 29 бодови но и два меча помалку од конкурентите, и доколку и во двата би имал полн успех би се искачил на третата позиција со бод помалку од Наполи кој има 36 и пет бодови помалку од водечкиот Милан. Второпласираниот Лацио киксираше во својот „Олимпико“. Гостинскиот Лече славеше со 2:1, со автоголот на Фернандо Муслера во 39. и Карлос Гросмилер во 72. минута, додека за домашните изедначи Маури во 47. минута. Лацијалите се поразени на своето буниште во најнезгодниот момент, бидејќи не го искористија ремито на Милан, а со победа ќе ја намалеа неговата предност на само три бода. Рома иако поведе во 18. минута преку Мирко Вучиниќ, сепак беше поразена на крајот кај Сампдорија со 2:1, откако во второто полувреме за домашните головите ги постигнаа Поци во 58. и Губерти во 84. минута.Речиси отпишаниот Бари дома беше поразен од Болоња со головите на Екдал во 38. и Ди Ваио во 69. минута. Каљари исто така забележа гостинска победа кај Парма, за која Џовинко успеа да го ублажи поразот со гол во 54. минута, откако претходно гостите поведао со 2:0 преку Аквафрешка со погодоците во 22. и 32. минута.Киево во Верона ремизираше без голови со Палермо, а со ист резултат 0:0 заврши и мечот Чезена – Џенова.Фиорентина со целосен пресврт ја победи Бреша. Гостите по првото полувреме имаа водство од 2:0 со головите на Диаманти во 30. и Кордова во четвртата минута од судиското надополнување. Сепак, домашните во последните 20-ина минути успеаја да постигнат три погодока со кои побегна од опасната зона на испаѓање од лигата. Прво намали Џиардино во 72. минута, а потоа изедначи во 86. Сантана а две минути подоцна Љајиќ се погрижи бодовите да останат во Фиренца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Фјури се враќа, ќе се бори против Махмудов
Тајсон Фјури (37) се враќа од пензија и ќе се бори против Арсланбек Махмудов на 11 април на стадионот на Тотенхем, во Лондон. Тоа ќе биде неговиот прв меч по речиси четири години пред домашна публика, а преносот ќе биде достапен низ целиот свет на платформата „Нетфликс“.
Поранешниот светски шампион во тешка категорија се повлече од боксот по два последователни порази од Олександр Усик.
Фјури, кој во текот на својата кариера имаше многу збогувања и враќања, има рекорд од 34 победи, два порази и едно реми во професионалниот ринг, со 24 нокаути.
Официјалната прес-конференција за најава ќе се одржи во понеделник на стадионот Тотенхем, со учество на двајцата борци.
Противникот на Фјури, Махмудов, е познат како еден од најопасните борци во тешка категорија. Во кариерата, тој нокаутирал 19 од 21 противник, има два порази во 23 натпревари и влегува во овој меч по најголемата победа во кариерата. Тој ја постигна со едногласна одлука против Дејв Ален минатиот октомври во борба за титулата во тешка категорија на ВБА Интерконтиненталната категорија.
Foto/ depositphotos
Спорт
Познат распоредот во Лигата на нации – Швајцарија во првото, Словенија во последното коло
Фудбалската репрезентација на Македонија, во новиот циклус во Лигата на нации, ќе се натпреварува во Б-дивизијата. Македонија е во Групата 1, заедно со Шкотска, Швајцарија и Словенија.
Првата фаза, во новиот циклус во Лигата на нации ќе се игра од септември до ноември оваа година. Македонија дуелите во Групата 1 ќе ги отвори на домашен терен со Швајцарија, а ќе ги затвори исто така на домашен терен против Словенија.
Првиот натпревар Македонија ќе го одигра на 26 септември против Швајцарија, а три дена подоцна следува гостувањето во Словенија.
Во октомври Македонија ќе ја пречека Шкотска (3 октомври), а на 6.10 ќе гостува во Швајцарија.
На 13 ноември Македонија ќе гостува во Шкотска, а три дена подоцна ќе ја пречека Словенија.
Foto/ EPA
Спорт
Ханси Флик за дебаклот на Барселона на „Метрополитано“ ги обвини судиите
Барселона, синоќа доживеа дебкла во првиот полуфинален натпревар во Купот на Кралот. На „Метрополитано“, Атлетико Мадрид победи со 4:0. Инспирираниот домашен тим головите ги постигна во првото полувреме.
По поразот од Атлетико, тренерот на Барселона, Ханси Флик, виновникот за дебаклот го најде во судиите, а не во лошата игра во дефанзивата на неговиот тим.
Спортна е ситуацијата во 53-та минута, кога по седум минути во ВАР собата донесоа одлука да го поништат голот на Пау Кубарси.
„Навистина не знам што друго да кажам за судењето во Шпанија. Ова е срам, целосен хаос, судењето е катастрофа. Не знам ни колку пати ја прегледав ситуацијата кога Кубарси постигна гол и навистина не разбирам каде некој од судиите виде недозволена позиција“, рече Флик и продолжи:
„Прекинот траеше повеќе од седум минути. Очигледно е дека бараа причина да го поништат тој гол на секој можен начин и со сета сила. Исто така, речиси и немаше комуникација меѓу судиите. Никој ништо не разјасни.“
Како алиби за поразот Германецот ја посочи агресивната игра на фудбалерите на Атлетико, иако е јасно дека тој беше незадовоелн од играта на неговиот тим, бидејќи првата измена ја направи во 35 минута од натпреварот.
„Судијата им дозволи на играчите на Атлетико да играат грубо, буквално им дозволи да прават што сакаат. Не само што не им покажа картони, туку дури и не им даде усна опомена. Уште од првата акција во играта, тие се жалеа кон судиите. Разочаран сум, навистина не можам да верувам што се прави во шпанскиот фудбал“, додаде тој.
„Судијата мораше да покаже жолт картон за првиот прекршок врз Балде, а зборуваме за самиот почеток на натпреварот. Тоа драстично ќе влијаеше на она што се случуваше подоцна. Нормално беше Симеоне да дозволи да нè малтеретираат кога виде дека судиите ќе му простат сè“, рече Германецот.
Интересно, Флик не го коментираше црвениот картон на Ерик Гарсија, бидејќи одлуката на теренот беше жолт картон. Дури кога доби повик од ВАР собата, главниот судија ја прегледа снимката и го исклучи дефанзивецот на Барселона, кој како последен играч во одбраната го фаулираше Алекс Баена.
Foto/ depositphotos

