Спорт
Бразил го почнува походот кон трофејот, прва пречка е Јужна Кореја

Еден од фаворитите за титулата на Светското првенство 2022 година, селекцијата на Бразил, вечерва (20 часот) го започнува своето учество во елиминациската фаза на турнирот. Првата пречка за „кариоките“ е Јужна Кореја.
Бразил загуби од Камерун со 0:1 во третото коло од групната фаза, но останува голем фаворит за трофејот во Катар. Тите им даде шанса на играчите кои претходно имаа мала минутажа на Светското првенство и не се претставија лошо, но не ги претворија во голови шансите што ги создадоа.
За жал на селекторот и петкратните светски шампиони, Алекс Телјес и Габриел Жесус заработија и нема да играат до крајот на Мундијалот. Неизвесен останува и настапот на големата ѕвезда на тимот Нејмар, а воедно и сестраниот дефанзивец Данило.
Проблеми има и во корејскиот табор, а тие се поврзани со централниот бек Ким Мин-Џае. Дефанзивецот на Наполи е неизвесен за вечерашниот дуел.
Јужна Кореја се пласираше во осминафиналето откако во последните минути ја совлада Португалија со 2:1 во третото коло од групната фаза.
Во групата против Уругвај, па дури и против Гана, јасно се виде дека Корејците не се на високо ниво и против можеби најсилниот состав во Катар ќе имаат сериозни проблеми.
Селесао не дозволи ни шут кон својот гол на првите два натпревари против Швајцарија и против Србија, што е показател за потенцијалот што го имаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Евертон ќе го именува Шон Дајш за нов менаџер

Англискиот стручњак Шон Дајш ќе биде новиот менаџер на Евертон, кому му претстои тешка битка за опстанок во Премиерлигата. Откако му се заблагодарија на Френк Лампард за соработката, челниците на Евертон почнаа да бараат негов наследник.
Нивниот прв избор беше Марсело Биелса, но според островските медиуми не постигнале договор со поранешниот тренер на Лидс, па се насочиле кон други решенија.
Одлуката е донесена, Дајш до крајот на денот треба да биде именуван на клупата на славниот англиски клуб.
Дајш го водеше Барнли од клупата во изминатите десет години, а беше и на кормилото на Вотфорд.
Спорт
Калин Ивановски се пласира во полуфинале на турнирот во Тунис

Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски продолжува со одлични игри на ИТФ фјучерс турнирот во Монастир (Тунис), кој има награден фонд од 15.000 американски долари.
Ивановски во четврт-финалето го совлада Австриецот Себастијан Соргер со 2:0 во сетови (6:3, 6:4).
Во полуфиналето македонскиот тенисер за ривал ќе го има Стефанос Сакеларидис од Грција.
Спорт
Македонски и бугарски клубови сепак играат фудбал: Македонија ЃП загуби од Берое

Македонски и бугарски клубови сепак играат фудбалски натпревари на подготовките во Анталија. И покрај дел од бугарските клубови кои одбија да играат, сепак, денеска беше одигран меч меѓу Македонија ЃП и Берое.
Македонскиот прволигаш Македонија ЃП загуби од бугарскиот тим Берое со 3:2.
Кристијан Стојковски донесе водство за Македонија ЃП, а на почетокот на второто полувреме Берое израмни преку Вини Трибуле.
Во 80. минута Дамјан Јорданов се погрижи за пресврт, а потоа Трибуле постигна втор погодок за 3:1. Конечниот епилог го постави Славков.