Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Средовечен маж од Охрид ѝ испраќал експлицитни пораки и фотографии на тинејџерка

Полицијата во Охрид го уапси Т.Т.(51). Тој се сомничи дека од април оваа година во повеќе наврати на апликација на социјална мрежа на 17-годишно девојче од Охрид испраќал пораки и фотографии со недолична содржина и барал од неа и таа да му испраќа фотографии со експлицитна содржина.
Со судска наредба бил извршен и претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени мобилен телефон и ловечка пушка „застава“ со калибар 12 мм.
Лицето било задржано во полициска станица и во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава.
Црна хроника
Уапсени пет возачи за безобѕирно управување со моторно возило во текот на изминатото деноноќие

Вчера во 17:58 часот на автопатот Скопје-Тетово, на место викано „Студена вода“, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода 31-годишниот А.Ј. од село Долна Лешница, општина Желино. При контрола со радар било констатирано дека управувал патничко возило „ауди“ со брзина од 184 километри на час на место каде максимално дозволена брзина е ограничена на 80 километри на час.
Вчера во 16:22 часот на автопатот Скопје-Тетово, кај Добарски надпатник, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Б.А.(25) од с.Студеничани, скопско. При радарска контрола било констатирано дека тој управувал патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки со брзина од 192 километри на час на место каде максимално дозволена брзина е ограничена на 100 километри на час.
Вчера во 15:45 часот на регионален пат во општина Маврово и Ростуше, на место викано „Ростушко Анче“, полициски службеници од ОВР Дебар го лишиле од слобода В.Д.(48) од Скопје. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2,90 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај.
Денеска во 01:50 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода Д.В.(27) од Велес. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „бмв“ со велешки регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека му биле измерени 2,28 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај.
Вчера во 17:37 часот на патот Битола-Граничен премин Меџитлија, кај с.Кравари, битолско, полициски службеници од СВР Битола при контрола со радар во патниот сообраќај констатирале дека С.С.(22) од с.Средно Егри, битолско, управувал патничко возило „фоксваген поло” со битолски регистарски ознаки со брзина од 107 километри на час во населено место на место каде што максималната дозволена брзина е 50 километри на час. С.С. веднаш бил исклучен од сообраќај.
За настаните биле запознаени надлежни јавни обвинители и по нивно целосно документирање против лицата ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување на моторно возило”.
Топ
Тешко повредена жена во Автокоманда, маж ја удрил во главата со гајба полна со стаклени шишиња

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешка телесна повреда.
Делото го сторил вршејќи насилство врз жена со која имале претходни лични недоразбирања. На 23 август попладне оштетената отишла да се види со осомничениот пред угостителски објект во населбата Автокоманда. Тој најпрво започнал грубо да ја навредува, а потоа зел пластична гајба полна со стаклени шишиња, замавнал со неа и ја удрил по главата.
Жената започнала обилно да крвари и зашеметена успеала да повика полиција, по што со брза помош била пренесена во болница, каде и биле констатирани тешки телесни повреди.
Имајќи го предвид начинот на сторување на кривичното дело, а со цел да се заштити жртвата од можноста за ново загрозување на нејзината безбедност, здравје и живот, јавниот обвинител побара на осомничениот да му бидат определени повеќе мерки на претпазливост: забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетената, привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и обврска да се јавува повремено на определено службено лице.