Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Ноќен хорор во Штип: Млада девојка насилно внесена во возило, нападната и снимана со телефон

Саботната вечер во Штип завршила насилно за 21-годишна девојка. Околу 22 часот, додека се движела низ градот, таа била пресретната од две жени. Едната, 28-годишна жителка на Кочани, со употреба на сила ја внела девојката во автомобилот што го управувала другата.
Ноќта продолжила во мрачна насока – одвезена во една од штипските населби, девојката била физички нападната. Додека траел нападот, осомничената не се задоволила само со насилството – таа ја снимала жртвата со својот мобилен телефон, информира полицијата.
Утрината по инцидентот, полицијата од Кочани ја привела 28-годишната кочанчанка. Случајот е документиран и расчистен, а против неа ќе биде поднесена кривична пријава.
Црна хроника
Oбдукција покажала дека скопјанец не починал поради сообраќајка како што стоело во извештајот

Полициски службеници од СВР Скопје утрото на 12 септември 2025 година, околу 06:10 часот, при преземање службени дејствија во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, забележале дека во извештајот за едно починато лице било заведено дека смртта настанала како последица од сообраќајна несреќа.
Во разговор со дежурниот болнички персонал било утврдено дека лицето, С.Б. (58) од Скопје, било донесено во болницата околу полноќ без знаци на живот. По повеќе од половина час обиди за реанимација, лекарите ја констатирале смртта.
Дополнително било посочено дека истиот маж, на 11 септември, се јавил на лекарски преглед, жалејќи се на болки кои ги поврзувал со претходна сообраќајна незгода.
Истражувањето на полицијата утврдило дека на 28 август 2025 година, С.Б. заедно со неговата сестра се возеле во такси кое се судрило со друго возило на улицата „Борис Трајковски“. Во несреќата лесно била повредена само жената која го управувала другото возило, додека останатите учесници, вклучувајќи го и С.Б., не пријавиле повреди.
По наредба на јавен обвинител била извршена обдукција на телото, при што било утврдено дека смртта не е поврзана со сообраќајната несреќа.
Црна хроника
Трагедија во Аеродром: На скопјанец му се слошило на скали, починал на лице место

Ноќта помеѓу петокот и саботата на 64-годишниот Б.В. од Скопје му се слошило додека се наоѓал на скалите во својот дом на подрачјето на општина Аеродром.
Според пријавата, мажот паднал поради нагло влошување на здравствената состојба, а лекар од Итната медицинска помош по пристигнувањето на местото ја констатирал неговата смрт.
Увид извршила екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.