Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Кривична против лекар во струшката болница: со истечена лиценца 4 години примал плата и додатоци

42-годишен лекар од Струга, четири години земал плата и додатоци на плата, иако немал валидна лекарска лиценца, извести МВР.
„ОВР Струга поднесе кривична пријава против 42-годишниот К.С. од Струга, лекар во Општа болница во Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Тој постапил спротивно на член 144-а од Законот за здравствена заштита на тој начин што од 01.07.2019 па до добивање на отказното решение на 29.11.2024 и за прекинот на специјалистичкиот стаж не ги известил надлежните, ниту се јавувал на своето работно место“, соопшти МВР.
Додека, во периодот од 15.07.2020, од кога му истекла важноста на лиценцата, па до добивање на отказното решение, не поседувал ниту лиценца за работа како доктор по медицина, издадена од Лекарската комора.
За целиот период, пријавениот примал плата и други додатоци, со што го оштетил буџетот на установата и се стекнал со противправна имотна корист од 1.956.569 денари, додаваат од МВР.
Црна хроника
Двајца мотоциклисти тешко повредени: едниот се судрил со „голф“, другиот излетал од пат

Вчера околу 12.45 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од регионален пат Куманово-Липково, на влез од паркинг простор на приватна фабрика, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Г.Н.(18) од село Липково, општина Липково и мотоцикл „хонда“ со кумановски регистарски ознаки, управуван од М.А.(36) од село Черкези, кумановско.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општата болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Куманово.
Вчера во 13.40 часот во Полициската станица Гостивар е пријавено дека на локален пат за село Зубовце, гостиварско, мотоцикл управуван од 66-годишниот Ќ.М. од село Дебреше, гостиварско, излетал надвор од коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот констатирани во Општата болница Гостивар. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Гостивар.
Црна хроника
Целосно изгоре „голф“ во Скопје: од пожарот зафатени уште две возила

Денеска во 04.15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на улицата „Петар Ацев“ во Скопје настанал пожар на паркирано патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Г.М.(43) од Скопје.
Возилото е целосно изгорено, а зафатени биле и патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.Ѓ.(51) од Скопје и патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на К.Т.(55) од Скопје.
Од Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот е изгаснат, а повредени лица нема. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.