Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Приведен 31-годишен кумановец: возел под дејство на алкохол

Денеска во 04.30 часот, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Куманово го лишиле од слобода 31-годишниот Ф.А. од Куманово.
При контрола на патниот сообраќај во Куманово, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „опел“, кое го управувал Ф.А., и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1.57 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Уапсен 29-годишен битолчанец: возел „бмв“ со брзина од 197 км на час на место на кое е дозволено 80 км на час

Вчера во 18.10 часот, на автопатот А1 Демир Капија – Миравци, во близина на првиот тунел, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода 29-годишниот С.Р. од Битола.
При радарска контрола во патниот сообраќај, полициските службеници констатирале дека тој управувал патничко возило „бмв“, со скопски регистарски ознаки, со брзина од 197 километри на час на место каде брзината на движење е ограничена на 80 километри на час.
Известен е јавен обвинител и по документирање на настанот против С.Р. ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик „безобѕирно управување моторно возило“.
Црна хроника
Претрес во Струга, пронајдени пиштол и куршуми

Вчера во 11.00 часот, полициски службеници од криминалистичката полиција при ОВР Струга од слобода го лишија Е.Б.(69) од Струга.
При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, пронајдени и одземени се пиштол „Browing“ со калибар 7,65 милиметри и 16 куршуми, кои нелегално ги поседувал. Воедно, поради предвидено поведување управна постапка, одземени се и 164 куршуми, две ловечки пушки, еден пиштол и едно пневматско оружје, за кои поседувал соодветна дозвола.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 396 од кривичниот законик „недозволено изработување, држење и тргување со оружје, муниција или распрскувачки материи“.