Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Со 3,46 промили возел низ Куманово, полицијата веднаш реагирала

49-годишен маж од селото Долно Којнаре, Куманово, бил лишен од слобода откако во сообраќајна контрола било утврдено дека управувал возило под силно дејство на алкохол. Како што информираат од Секторот за внатрешни работи Куманово, инцидентот се случил вчера попладне околу 17 часот на улицата Борис Кидрич.
„Полициски службеници го сопреле патничкото возило „Рено“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Н.М. (49), при што бил извршен алкотест. Измерени се дури 3,46 промили алкохол во крвта“, изјавија од СВР Куманово.
Веднаш по утврдувањето на состојбата, возачот бил исклучен од сообраќај и приведен во полициска станица. Од таму најавуваат дека по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.
Од полицијата апелираат до граѓаните да не се впуштаат во сообраќај под дејство на алкохол, бидејќи тоа претставува сериозна опасност и за нив и за останатите учесници во сообраќајот.
Црна хроника
Разбојник влегол во магацин во Скопје, го претепал чуварот и избегал

Разбојник влегол во магацин во Скопје со намера да изврши кражба. Кога бил начекан од чуварот на градилиштето, разбојникот го претепал и избегал.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело- разбојничка кражба.
Осомничениот 29-годишник, на 12.10.2024 година, влегол во магацин на објект во градба на булеварот „Борис Трајковски” за да одземе разновиден електричен алат, калориметри и други предмети во вкупна вредност од околу 363.000 денари. Кога при кражбата бил затекнат од чувар на градилиштето, осомничениот употребил сила и закана дека ќе го убие, физички го нападнал со тупаници по лицето и тешко телесно го повредил. Потоа побегнал, носејќи со себе една вреќа украдени предмети.
Имајќи предвид дека осомничениот и претходно бил осудуван за кражби, како и начинот на кој го извршил ова дело, јавниот обвинител оцени дека постои ризик од бегство и опасност да го повтори делото, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Црна хроника
Вработен во ЕВН нападнат во Сарај

Е.А.(20) од с.Глумово, скопско, пријавил дека околу 12.05 часот во с.Сарај, скопско, додека извршувал работни задачи како вработен во ЕВН Македонија, бил физички нападнат од едно машко лице.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР во дневниот полициски билтен.