Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Затвореници од Идризово барале 1.200 евра месечно од мајка на осуденик за да не и’ го малтретираат синот, и’ испраќале и насилни видеа

Скопјани од Идризово уценувале мајка на затвореник да им даде пари за да и’ го штитат синот.
МВР за случајот извести дека е поднесена кривична пријава притив двајцата, А.Б.(31) и А.Р.(25), поради изнуда и лихварство.
Тие, додека ја издржувале казната во затворот, незаконски дошле до телефони и преку „месинџер“ барале од мајката на друг осуденик да им исплаќа по 1.200 евра месечно за нејзиниот син да добие гаранции и заштита во затворот и подобри услови за сместување.
При видео повиците, затворениците и’ покажувале на жената и како насилно се однесувале кон нејзиниот син, притоа уценувајќи ја дека доколку не им бидат исплатени пари ќе продолжат со насилството кон синот.
Пред два дена, браќата на двајцата изнудувачи, по претходен договор со мајката на затвореникот од која барале пари, дошле во Струмица за да се сретнат со неа и да им ја исплати бараната сума. Едниот ги зел обележаните пари и бил веднаш приведен, додека братот на вториот изнудувач се дал во бегство, но за брзо бил фатен и приведен.
Истовремено, извршен бил претрес во затворските ќелии кај изнудувачите и им биле најдени и одземени телефоните. Нивните браќа биле изведени пред судија и завршија во куќен притвор.
Црна хроника
Приведен тетовец кој нападнал полицајци, во неговиот дом најдена дрога

Полицијата изврши претрес во домот и помошните простории кај Б.С.(35) од селото Слатино, тетовско.
Тој претходниот ден околу 23.50 часот бил приведен на локалниот пат Џепчиште-Варвара поради напад врз полициски службеници кои вршеле службени дејствија.
При претресот се пронајдени и одземени две дигитални ваги и пет кесички со бела прашкаста материја, соопшти МВР.
По документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Три лица од кои две потешко повредени во сообраќајна несреќа во Охрид

Вчера на улицата Живко Чинго во Охрид се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген поло“ со охридски регистарски ознаки, управувано од А.М.(49) од Охрид и патничко возило „волво“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Д.Г.(66) од Охрид.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле А.М. и нејзиниот сопатник Т.М.(41) од Охрид, додека со телесни повреди се здобил Д.Г., констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид.
Извршен е увид.