Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Кражби во цркви во Сопиште и во скопски Центар

Во СВР Скопје вчера во 09.00 часот било пријавено дека во периодот од 18.05.2025 до 19.05.2025 со употреба на физичка сила и погоден алат од објект во двор на црква на подрачјето на село Сопиште, скопско, биле одземени разни предмети и ѕвоно од камбанаријата.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (20.05.2025) во 10.00 часот во СВР Скопје, од црква на подрачјето на Центар во Скопје е пријавено дека на 18.05.2025 во периодот од 17.00 до 17.45 часот со употреба на физичка сила и погоден алат од објект во кругот на црквата е одземен предмет.
МВР соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Тешко повреден мотоциклист од Скопје по сообраќајна незгода со возило

Синоќа во 19.20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од бул.„Македонско – косовска бригада“, бул.„Словенија“ и бул.„Босна и Херцеговина“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Ќ.(29) од Скопје и мотоцикл „хонда“ со скопски регистарски ознаки, управуван од М.Ф.(18) од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Измамен кумановец: останал и без пари и без услуга

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.В.(36) од Куманово.
Тој се сомничи за сторено кривично дело „измама“.
Во текот на август 2024 година, пријавениот му понудил на лице од Куманово да му го води спорот со странска осигурителна компанија, а откако се договориле, во два наврати му земал вкупно 1.700 долари, но договореното не го исполнил.