Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
За осум часа казнети 76 возачи во Скопје, 20 од нив возеле мотоцикли

Синоќа од страна во периодот од 17.00 до 01.00 часот полицијата во Скопје повторно спроведе засилена сообраќајна контрола на учесниците во сообраќајот кои управуваат мотоцикли и велосипеди со помошен мотор.
„За време на контролата биле преземени мерки против 76 учесници во сообраќајот, од кои 20 санкции за возачи на мотоцикл. Од нив четири за возење мотоцикл без возачка дозвола, 10 санкции за возење без заштитна кацига, четири мерки за возење мотоцикл без положен испит“, извести Министерството за внатрешни работи.
Црна хроника
Беровец пренесен в болница, со трактор паднал во река во Пехчево и се повредил

58-годишник се повреди вчера откако со трактор падна во река во близина на Пехчево. Несреќата е пријавена во пехчевската полиција, а повредениот веднаш е пренесен на лекување во Скопје.
„На 11.05.2025 во 15.04 часот во Полициската канцеларија Пехчево било пријавено дека околу 14 часот на шумски пат, кај место викано ’Скокото’ кај Равна река, Пехчевско, И.Д.(58) од Берово, управувајќи трактор ’МТ 533’ со приколка, се превртел и со тракторот паднал во река. Тој бил пренесен во Ургентен центар при Комплекс клиники ’Мајка Тереза’ Скопје за укажување лекарска помош“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Увид на местото на несреќата направила увидна екипа од ОВР Берово.
Црна хроника
Уапсен 46-годишен скопјанец оти ја истепал сопругата и ѝ се заканувал

Ноќеска, неколку минути по полноќ, полицијата во скопски Петровец го уапси 46-годишниот Ј.К.. Полицајците постапувале по пријава дека во домот Ј.К. ја нападнал својата сопруга и ѝ се заканувал со остар предмет.
Против насилникот ќе биде поднесена соодветна пријава по целосно документирање на случајот, извести Министерството за внатрешни работи.