Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
32-годишен маж пронајден починат во куќа во Свети Николе

Вчера во 09.30 часот во Полициската станица Свети Николе било пријавено дека во куќа во Свети Николе бил пронајден починат Д.В.(32) од Свети Николе.
Смрт без траги на насилство констатирал лекар, а по наредба на јавен обвинител, телото било дадено на семејството.
По преземени мерки во координација со јавен обвинител, било утврдено дека тој со А.П. неовластено се вселиле во куќата, чии сопственици биле од Скопје и Пробиштип, и дека претходно со А.Ј.(34) користеле дрога.
Во врска со настанот од слобода бил лишен А.Ј., а А.П. била повикана во полициска станица и со неа бил извршен службен разговор.
Се работи на расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти полицијата.
Црна хроника
Со „јагуар“ побегнал од полицијата и удрил во товарно возило: уапсен маж баран по потерница

Ha 08.03.2025 околу 07.20 часот, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата го лишиле од слобода Б.З.(25) од с.Мојанци, општина Арачиново, кој бил баран по потерница за издржување мерка притвор за сторено кривично дело по член 123 во врска со член 19 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Претходно, на локалниот пат Арачиново – населба Ченто, со патничко возило „јaryаp“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, тој не застанал на знак за запирање, даден од полициски службеници и продолжил со движење на автопатот кон Тетово, по што кај клучката Стајковци со возилото удрил во товарно возило „нисан“ со кумановски регистарски ознаки и набргу потоа бил фатен и приведен во полициска станица. Лицето било спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката притвор.
Црна хроника
Приведено лице, бил соизвршител на кривично дело убиство во обид

На 05.10.2024 на улица „Цветан Димов“ во Скопје, Б.Б. од Скопје од огнено оружје пукал кон А.Б. од Скопје и му нанел прострелна рана, по што Б.З. му помогнал со возило да го напушти местото.
На 01.11.2024 против двајцата е поднесена кривична пријава, а во отсуство на Б.З. му била определена мерката притвор.