Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Кривична пријава за три лица од Крива Паланка за несовесно работење во службата и узурпација на недвижности

Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, до Основното јавно обвинителство Крива Паланка, поднесе кривична пријава против М.К.(41), Н.Ц.(54) и С.М.(38), тројцата од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од Кривичниот законик.
Н.Ц. – вработен во општина Крива Паланка на работно место самостоен референт за документациони работи и урбана опрема во Одделение за урбанизам, сообраќај и заштита на животна средина, на 19.12.2024, постапувајќи по барање за одобрение за поставување на урбана опрема поднесено од правно лице – угостителски објект, без да утврди дека не се исполнети условите, изготвил одобрение за поставување на урбана опрема пред деловен простор на улица „Јане Сандански“ во Крива Паланка за периодот од 09.12.2024 до 09.12.2025. М.К. – вработена во општина Крива Паланка како раководител на Сектор за урбанизам, сообраќај, заштита на животната средина и комунална инфраструктура и С.М. – градоначалник на Општина Крива Паланка, го потпишале така изготвеното одобрение и на тој начин му овозможиле на барателот да постави урбана опрема и да се стекне со противправна имотна корист.
Одделението за внатрешни работи Крива Паланка поднесе кривична пријава и против правното лице – угостителски објект и М.М.(36), сопственик и управител на правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“ по член 225 од Кривичниот законик.
М.М., во текот на 2024 година, како и во претходните години, поставил урбана опрема, маси, столови и други украси пред деловен простор на улица „Јане Сандански“ во Крива Паланка, со што заземал вкупно 108.70м² земјиште во државна сопственост, кој пак е прогласен за имот во општа употреба. М.М., исто така, беа одобрение на узурпираниот дел поставил и настрешница со површина од 82.00 м².
Црна хроника
Возрасен маж живеел во вонбрачна заедница со малолетничка

Возрасен маж во струмичко живеел во вонбрачна заедница со малолетничка. Пријава е поднесена и против таткото на девојчето затоа што ја одобрил вонбрачната заедница.
Според информациите на МВР, поднесена е кривична пријава против М.А.(20) од с.Дорфулија, општина Лозово и П.Б.(36) од с.Банско, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вонбрачен живот со дете“.
Во периодот од јануари до април 2025 година, првопријавениот во семејна куќа во село Дорфулија живеел со малолетничка во вонбрачна заедница.
Додека, второпријавениот, татко на детето, не презел мерки за да ја спречи, туку ја прифатил и одобрил вонбрачната заедница.
Црна хроника
Пожар во локал во Лисиче, сопственикот со изгореници пренесен во болница

Пожар избувнал синоќа во угостителски објект во Лисиче. Сопственикот со изгореници на раката и поради вдишување чад е пренесен во болница.
Според информациите на МВР, вчера во 21.35 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во угостителски објект во нас.Лисиче, скопско.
Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот е изгаснат.
Притоа, поради изгореница на раката и вдишување на чад, сопственикот на објектот Ф.Д.(32) е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување на лекарска помош. Извршен е увид.