Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дете фатено со марихуана во Карпош
Вчера во 20.30 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје лишиле од слобода малолетник од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Жена фатена додека краде во маркет во Прилеп
Вчера во 10.50 часот во маркет лоциран на ул. „Борка Талески“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ја лишиле од слобода М.К.(38) од прилепско. Таа била затекната при вршење на кражба во маркетот. Украденото е одземено и вратено на сопственикот.
По документирање на настанот, ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Три скопјанки нападнати од нивните сопрузи во домовите и на автобуска постојка
Полицијата информираше за три случаи на семејно насилство што се случиле во едно деноноќие на територијата на Скопје.
Се работи за жени на возраст од 30, 31 и 42 години, кои биле жртви на семејно насилство во своите домови и на автобуска постојка.
Во првиот случај, 30-годишна жена пријавила дека на 21 ноември околу 02.30 часот во семејниот дом на подрачјето на Гази Баба, била физички нападната од нејзиниот сопруг Д.С.(41).
Истиот ден во 15 часот, 42-годишна жена во семејниот дом во скопско село, била физички нападната од нејзиниот сопруг Г.Т.(47). Со него бил извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во третиот случај, 31-годишна жена, пријавила дека на автобуската постојка во скопско село била физички нападната од нејзиниот сопруг Ф.З.(33), со кој одреден период биле разделени, а при нападот и го скршил и мобилниот телефон.
Се преземаат мерки за расчистување на случаите, велат од МВР.