Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен албански државјанин на ГП Блато, сакал да поткупи полицаец
Вчера вечер во 20:25 часот на Граничен премин Блато, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Блато“ го лишија од слобода Б.Ц.(33) од Република Албанија поради сомнение дека сторил кривично дело „давање поткуп“.
Имено, при пасошка контрола при излез од државата, тој во неговата патна исправа ставил пари и го известил полицискиот службеник, со што го сторил делото.
Албанскиот државјанин е задржан во Полициската станица Дебар и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Топ
МВР со детали за тешката сообраќајна незгода на влезот во Скопје: автомобил и камион целосно изгореа, 25-годишник тешко повреден
Вчера во 23:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот Скопје-Куманово, пред клучката за обиколница на Град Скопје, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот А.В. од село Бујковци, скопско и товарно возило „мерцедес“ со полуприколка со неготински регистарски ознаки, управувано од 56-годишниот Љ.Д. од село Брест, штипско, при што двете возила се запалиле и целосно изгореле, извести МВР.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „бмв“, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје, информираа од МВР.
Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Вчера уапсени седум лица: возеле без возачка дозвола, а двајца од нив биле малолетници
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода седум возачи затоа што управувале возило без да поседуваат возачка дозвола. Од нив двајца во Скопје и по еден во Гевгелија, Богданци, Гостивар, Тетово и Битола.
Возачот во Гостивар е малолетник, како и еден од возачите во Скопје, кој управувал мотоцикл. Лицата се приведени во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител возилата се одземени и по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.

