Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Благајничка во „Комуналец“ Кавадарци украла над 500.000 денари, парите за платени сметки си ги ставала в џеб
Полицијата поднесе кривична пријава против вработена во Јавно претпријатие за комунални работи Кавадарци за „проневера во службата” и „затајување”.
Полицијата, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против В.Д.(48) од Кавадарци поради постоење на основано сомнение дека сторила кривични дела „проневера во службата” и „затајување”.
Според информациите од МВР, пријавената В.Д., вработена како благајник во Јавно претпријатие за комунални работи Кавадарци, во периодот од 22.09.2025 до 31.10.2025 одзела 568.684 денари од претпријатието.
Имено, дел од парите од дневниот промет од наплатните пунктови по основ на платени сметки за водоснабдување и комуналии, кои и биле доверени во службата, не ги внесувала на банкарска сметка на претпријатието, односно дел задржувала за себе, а останатиот дел го внесувала на сметката и на тој начин што го оштетила јавното претпријатие за наведената сума.
Црна хроника
Полицаец од Скопје крадел бакарни кабли од плац на поранешна фабрика
Полицаец доби 30-дневен притвор за кражба на бакарни кабли – јавни инсталации кои содржат бакар од објекти на Акционерско друштво од Скопје, сместени во кругот на поранешна фабрика од Скопје.
Според информациите на МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Н.А., вработен во Полициската станица од општа надлежност Аеродром при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.
Пријавениот, во повеќе наврати во периодот од 05.01.2025 до 07.05.2025 во претходен меѓусебен договор и со заедничко дејствување со три лица од Скопје, противправно одзеле туѓи подвижни предмети бакарни кабли – јавни инсталации кои содржат бакар од објекти на Акционерско друштво од Скопје, сместени во кругот на поранешна фабрика од Скопје.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Н.А. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место – суспензија.
Црна хроника
Жена тврди дека поранешниот партнер ја натерал да земе кредити за него, а потоа не ги плаќал ратите и ѝ се заканувал, полицијата во Охрид постапува
Во Охрид, полицијата спровела службен разговор со 40-годишен маж од Гевгелија, по пријава на неговата поранешна 47-годишна партнерка, која тврди дека тој се однесувал агресивно кон неа и ѝ упатувал закани.
Жената во пријавата навела и дека поранешниот партнер ја измамил, убедувајќи ја да земе кредити на нејзино име за него, а потоа одбивал да ги плаќа ратите.
Од МВР соопштуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава против мажот.

