Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Вчера уапсени седум лица: возеле без возачка дозвола, а двајца од нив биле малолетници
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода седум возачи затоа што управувале возило без да поседуваат возачка дозвола. Од нив двајца во Скопје и по еден во Гевгелија, Богданци, Гостивар, Тетово и Битола.
Возачот во Гостивар е малолетник, како и еден од возачите во Скопје, кој управувал мотоцикл. Лицата се приведени во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител возилата се одземени и по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Црна хроника
Со ловечка пушка се заканувал на вработена во адвокатска канцеларија
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Б.(47) од кичевското село Туин поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.
На 21.01.2026 пред адвокатска канцеларија во Кичево, тој со ловечка пушка се заканувал на вработена во канцеларијата. По преземени мерки, тој бил пронајден и лишен од слобода.
Црна хроника
Го нападнал синот во Струшко
Вчера во 18:30 часот во ОВР Струга било пријавено дека Џ.А. во семејниот дом во струшко село физички го нападнал неговиот син.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

