Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Куршум се одбил од подот и погодил момче во Кичевско – пукањето на прослава заврши со повреда

Двајца мажи од кичевското село Трапчин Дол се лишени од слобода откако 16-годишно момче било повредено од куршуми испукани при семејна веселба.
Како што информира МВР, на 22 јули околу 2:30 часот по полноќ, полициски службеници од ОВР Кичево ги привеле Ф.Ф. (36) и Ч.Ф. (52). За време на славје во дворот од семејната куќа, Ф.Ф. пукал неколку куршуми од пиштол, кои по одбивање од подот повредиле момче од селото Стрелци.
Повредениот бил веднаш пренесен во Општата болница во Кичево, а полициски екипи извршиле увид на местото на настанот. Се работи на целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе следуваат соодветни пријави.
Црна хроника
Приведен татко, кој питал со ќерка си во Дебар

Полицијата од ОВР Дебар поднесе кривична пријава против 30-годишниот С.Р. од Скопје, поради запуштање и малтретирање дете.
Инцидентот се случил на 10 јули околу 20:40 часот, кога при контрола на улицата „Елена Ѓика“ во Дебар, полицајците го затекнале пријавениот како питачи со неговата петгодишна ќерка. По настанот, биле повикани претставници од Центарот за социјални работи во Дебар и адвокат за малолетници, а С.Р. бил лишен од слобода.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поведена соодветна постапка.
Црна хроника
Девојка со автомобил удри во велосипедист, паркирано возило и објект во Тетово, повредена е

Едно лице е тешко повредено, а едно со полесни повреди во сообраќајна несреќа што се случила вчера околу 17:10 часот на локалниот пат Тетово – село Требош.
Според информациите од МВР, возило „фолксваген поло“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од 22-годишна девојка од село Ратае, излетало од патот по што удрило во велосипедист од село Требош, потоа и во паркирано возило „фиат“ и завршило во деловен објект.
Девојката зад воланот се здобила со тешки телесни повреди, додека велосипедистот е полесно повреден. Двајцата се пренесени во Клиничката болница Тетово.
По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од страна на екипа на СВР Тетово.