Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Нападнати деца во Центар и Аеродром, полицијата работи на случаите
Во полицијата во Скопје биле пријавени два одделни инцидента на физички напади врз малолетни лица што се случиле во петокот, 31 октомври.
Во првиот случај, 36-годишна скопјанка пријавила дека околу 18:30 часот, на подрачјето на општина Центар, нејзиниот 15-годишен син и 14-годишната ќерка биле физички нападнати од непознат маж.
Неколку часа подоцна, во 21 часот, во полицијата се обратила и 57-годишна жена од Скопје, која пријавила дека нејзината 15-годишна ќерка била нападната околу 15 часот во општина Аеродром од три малолетнички што ги познавала, од кои едната користела тврд предмет.
За вториот случај е известен јавен обвинител, а полицијата презема мерки за расчистување и на двата инцидента.
Црна хроника
Приведен скопјанец по тепачка во Кисела Вода, имал 1,85 промили алкохол во крвта
Полицијата приведе 40-годишен маж од Скопје поради нарушување на јавниот ред и мир во скопската општина Кисела Вода.
Инцидентот се случил синоќа, околу 00:10 часот, кога В.Т. се физички пресметал со 39-годишниот Г.К. од Вевчани. Полицијата интервенирала на местото на настанот, а при алкотестирање било утврдено дека скопјанецот имал 1,85 промили алкохол во крвта.
Лицето е приведено во полициска станица, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Девојка од Росоман пријавила дека била претепана од својот вонбрачен партнер во Скопје
22-годишна жена од општина Росоман, која живее во Скопје, пријавила во полиција дека била физички нападната од својот вонбрачен партнер.
Инцидентот се случил на 31 октомври околу 13 часот во семејниот дом во скопската општина Шуто Оризари. Според пријавата, младиот маж, исто така на 22 години, ја нападнал користејќи и тврди предмети.
Жената го пријавила насилството истиот ден, околу 19:50 часот, во СВР Скопје.
Полицијата работи на целосно документирање на случајот, по што против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.

