Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Приведено лице од скопско поради предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици

На 14.03.2025 во 18.54 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Ацо Шопов“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат панда“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Р.(24) од с.Буковиќ, скопско, патничко возило „пежо 2008“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.А.(52) од Скопје и мотоцикл „сузуки“ со скопски регистарски ознаки, управуван од А.Ј.(34) од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот А.Ј., констатирани во Градската општа болница „8 Септември“, по што бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде што подоцна починал.
Лекар констатирал смрт, а по насоки на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
Возачот Б.Р. се здобил со телесни повреди, констатирани во Градската опшата болница „Св.Наум Охридски“ Скопје и по укажаната помош во 01.00 часот на подрачјето на Центар бил лишен од слобода и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена пријава по итна постапка.
Извршен бил увид од надлежен обвинител од ОЈО Скопје и увидна екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Приведено лице од Пробиштип поради управување возило под дејство на алкохол

Полицијата приведе 21-годишник од Пробиштип поради возење под дејство на алкохол.
„Денеска (15.03.2025) во 01.55 часот на магистаралниот пат Штип – Кочани, кај с.Долни Балван, општина Карбинци, полициски службеници го лишиле од слобода И.Д.(21) од Пробиштип. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген пасат“ со пробиштипски регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,70 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297 – а од Кривичниот законик – безобѕирно управување со моторно возило“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Црна хроника
Беровец од погребално претпријатие пријавен дека во депонија фрла и закопува остатоци од починати лица, МВР го расчистува случајот

Пред два дена во полицијата во Берово било пријавено дека на место викано „Црвени брегови“, атар на Берово, бил забележан лиценциран извршител за погребални услуги во општината како на градежна депонија фрла и закопува остатоци од починати лица, извадени од градските гробишта во Берово.
„Веднаш по добиената пријава, во консултација со јавен обвинител и во содејство со ракувач со работна машина багер од јавното претпријатие за комунални работи во Берово, било извршено пребарување на посоченото место и на пошироката околина, но не биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело, туку биле пронајдени само остатоци од градежен шут и остатоци од отпад.
По дополнително преземени мерки и по извршени разговори во ОВР Берово било дојдено до сознание дека лиценцираниот извршител на погребални услуги во повеќе наврати вршел ископување на стари гробови и ги фрлал остатоците од починатите лица на друга локација. Додека, подоцна, по овластување на јавен обвинител, бил извршен увид на гробиштата во селото Смојмирово и на удолницата на јужната страна биле пронајдени пет коски кои наликуваат на коски од човек“, велат од МВР.
По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.