Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведено лице од Кочанско за предизвикување пожар, нема повредени
Денеска во 01.40 часот, полициски службеници од Полициската станица Кочани го лишиле од слобода Г.Г.(64) од с.Жиганци, општина Чешиново – Облешево.
Тој се сомничи дека околу 23.45 часот предизвикал пожар во нива на стариот пат Штип – Кочани во близина на село Кучичино, општина Чешиново – Облешево.
Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Кочани,а повредени лица нема.
Лицето било задржано во Полициската станица Кочани и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријва по член 288 од Кривичниот законик.
Црна хроника
Истрага против дилер на кокаин во Штип
Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 18 јануари осомничениот на другo лице му продал половина грам кокаин за 2500 денари. На 1 февруари бил извршен претрес во деловен објект каде престојувал осомничениот и полицијата таму пронашла 17 ќесички со кокаин со вкупна количина од 17 грама.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи оцени дека се исполнети законските основи.
Црна хроника
Предложен притвор за шестмина осомничени во акцијата „Вардар“
Како резултат на вчерашната оперативна меѓународна акција под кодно име „Вардар“, предметен обвинител од ОЈО Скопје, овластен да постапува во овој предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица за кои постои основано сомнение дека како организирана криминална група фалсификувале европска валута – евра во различни апоени. Осомничените, освен кривично дело Злосторничко здружување, сториле и кривично дело – Фалсификување пари, додека на прво и на петто осомничениот им се става на товар дека сториле и кривично дело – Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување. Дополнително, за првоосомничениот постои основано сомнение дека сторил и кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело.
Од крајот на 2023 година, па сѐ до февруари 2025 година, првоосомничениот заедно со тројца други осомничени создал група што имала за цел вршење на кривично дело Фалсификување пари на територијата на РС Македонија и на територијата на Р Србија, на која група припадници станале четврто и шесто осомничените и српските државјани за кои се води постапка во Р Србија, како и други НН лица.
При претресите се пронајдени и одземени парични средства во износ од околу 1.000.000 евра, но и американски долари, швајцарски франци, израелски шекели, хрватски куни, албански леки, шведски круни и руски рубљи.
Секој член на групата имал определена улога во планот и во извршувањето на кривичните дела. Првоосомничениот, во стан, во населба Чаир, кој го нарекувал своја „канцеларија“, заедно со неговиот син – второосомничениот, ги правел лажните пари во апоени од 50, 100 и 200 евра, а од Република Турција набавувал лажни пари во апоени од 500 евра и 100 американски долари. Трето, четврто и шесто осомничените и останатите членови на групата – српски државјани за кои се води постапка во Р Србија, секој со своја улога пронаоѓале заинтересирани лица за купување на лажните банкноти и вршеле транспорт и дистрибуција на истите до крајните купувачи во Македонија, Србија и Косово. Петтоосомничениот имал задача и улога неовластено да изработува машини за правење лажни пари, гравирани плочи што имитирале сигурносни знаци на пари, како и специјални машини со индуктор и да ги одржува машините, пресите, плочите и другите работи што служат за правење на лажни пари.
Со своите дејствија, во наведениот период, групата во десет наврати преку симулиран откуп на предмети – пари, направиле и пуштиле во оптек лажни пари како вистински во износ од најмалку 119.250 лажни евра, во апоени од 50, 100 и 200 евра во платниот промет на Р Србија за кои добиле противправна имотна корист од најмалку 38.850 евра. Со ваквото пуштање на лажните пари како вистински во платниот промет во РС Македонија, Р Србија и други држави дошло до нарушување на нормалното функционирање во стопанството. Притоа, првоосомничениот парите што за продажба на лажните банкноти ги примал во готово, дел на трансакциска сметка во банка и дел преку услугата брз трансфер на пари на негово име и на име на неговите сопруга и син, ги легализирал подигнувајќи кредити од банка или од финансиските друштва за брзи кредити. Дел од парите си ги исплаќал во вид на плата преку правно лице, дел ги вложил во недвижен и подвижен имот, а најголем дел ги префрлил на е-волет сметка за тргување со криптовалути.
Ценејќи ги околностите, поврзаноста на осомничените, како и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор за шестемина осомничени.