Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Уапсен битолчанецот кој со нож се закануваше на маж на “Широк сокак”

Денеска на ул. “Св.Кирил и Методиј” во Битола полициски службеници го лишија од слобода М.Ш.(36) од Битола.
Тој претходно, пред угостителски објект на ул. “Широк сокак” со остар предмет се заканувал кон 41-годишен државјанин на Австралија.
По документирање на случајот, против М.Ш. ќе биде поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста со опасно орудие при тепачка или караница, соопшти полицијата.
Црна хроника
Жена ограбена во Ѓорче Петров

Шеесет и петгодишна жена била ограбена во Ѓорче Петров.
Според информациите на МВР, вчера Г.Ј.(65) од Скопје пријавила дека околу 17.05 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, едно лице со употреба на сила и го одзело паричникот со пари и лични документи.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот
Црна хроника
Насилници уценувале девојче од Скопје – им дала 25.000 евра за да не го нападнат брат ѝ

Девојче од Скопје било уценувано од неколку соученици дека ако не им даде пари, ќе го нападнат нејзиниот брат кој има здравствени проблеми. На тој начин, девојчето од дома земало и им дало на насилниците 25.000 евра.
Според информациите на МВР, ноќеска во 00.30 часот во СВР Скопје, 52-годишник од Скопје пријавил дека неговата малолетна ќерка, ученичка во основно училиште на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, подолг период добивала закани од двајца соученици дека физички ќе го нападнат нејзиниот помал брат, кој е лице со здравствени проблеми, доколку не им даде пари.
Според пријавеното, таа била принудена и во повеќе наврати им давала пари, при што од домот одзела вкупно 25.000 евра.
Се преземаат мерки за расчистување на настанот.