Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Полицијата фати на дело крадци во поранешна Железара

Скопската полиција на дело фати криминалци кои краделе во објектите на поранешна Железара.
Според информациите на МВР, на 7 мај во 01.00 часот во кругот на поранешна фабрика Железара, полициски службеници ги уапсиле Ф.З.(30) од скопско, А.Х.(24) од Скопје и Б.С.(33) од липковско.
По претходно добиени сознанија и преземени мерки, тие биле затекнати при вршење кривично дело. Имено, лицата подолг период вршеле кривични дела во кругот на Железара и со огнено оружје се заканувале кон вработените.
Во Полициската станица Гази Баба бил извршен службен разговор со лицата и во содејство со јавен обвинител против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка, додека од судија на претходна постапка на тројцата им е изречена мерка притвор од осум дена и биле спроведени во Казнено – поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката.
Црна хроника
Понудил поткуп: лишен од слобода албански државјанин на граничен премин Блато

Утрово во 09.15 часот на Граничен премин Блато, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Блато при Регионалниот центар за гранични работи Запад го лишија од слобода Д.А.(30) од Република Албанија.
На граничниот премин, за влез во државата, тој допатувал со патничко возило „фолксваген шаран“ со албански национални ознаки, во кое превезувал уште четири албански државјани, при што во личните и сообраќајните документи ставил пари, кои биле пронајдени од полицискиот службеник кој вршел гранична контрола.
По целосно документирање на настанот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Поранешен директор на јавно претпријатие ја злоупотребил позицијата: на некои од вработените им овозможил противправна финансиска корист

СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.А.(53) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Пријавениот, поранешен директор на ЈП „Колекторски систем“ -Скопје, подрачно одделение Охрид, во периодот од 2022 година до август 2024 година, не воспоставил прецизен интерен протокол за реализација на прекувремената работа, при што било невозможно реално евидентирање на редовната и прекувремената работа, не можело да се утврди времето на извршување на прекувремената работа, а исто така не можело да се утврди по чиј налог била извршувана прекувремената работа.
Со тоа, тој ги пречекорил границите на своите службени овластувања и на дел од вработените им овозможил противправна финансиска корист, со што предизвикал штета на ЈП„Колекторски систем“ – Скопје, Подрачно одделение Охрид за сума од од 2.881.757 денари.