Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Втор претрес денеска во демирхисарско, пронајдена дрога и оружје

Полицијата го приведе М.Ш.(33) од Битола, со привремено живеалиште во селото Ракитница, Демирхисарско .
Врз основа на наредба од Основен суд Битола, извршен бил претрес во домот и помошните простории кои ги користи М.Ш. во с.Ракитница, при што биле пронајдени и одземени марихуана, дробилка, дигитална вага, воздушна пушка и дијаболи.
По целосно документирање на настанот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
Претхоно денес беше приведен и М.С.(62) од с.Обедник, демирхисарско, по претрес во којшто беа најдени и одземени четири пушки, еден пиштол и 158 куршуми различен калибар.
Црна хроника
Пушки, пиштол и муниција пронајдени во Демирхисарско: уапсено едно лице

Денеска, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар заедно со полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Демир Хисар го лишиле од слобода М.С.(62) од с.Обедник, демирхисарско.
Врз основа на наредба од Основен суд Битола извршен бил претрес во домот и помошните простории кои ги користи М.С. во с.Обедник, при што биле пронајдени и одземени четири пушки, еден пиштол и 158 куршуми различен калибар.
Полицијата соопшти дека по целосно документирање на настанот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Едно лице тешко повредено во Аеродром, го нападнале поради недоразбирање во сообраќајот

Едно лице е тешко повредено во Аеродром, го нападнале неколку лица поради недоразбирање во сообраќајот.
Според информациите во МВР, синоќа околу 00.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автобуска постојка на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, Р.Ж.(56) од Скопје бил физички нападнат од неколку лица. Тој со тешки телесни повреди е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.