Домашен
Јаневски: Шведска и Норвешка нови можности за докажување
Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Чеде Јаневски со своите избраници ги започна подготовките за пријателските натпревари со Шведска во Малме и со Норвешка во Осло.
„Овие два натпревара ќе треба да ни послужат за нови докажувања, во пресрет на септемвриските квалификациски натпревари. Имавме среќа да одбереме два силни противника, пред сè мислам на Шведска, за која овој меч ќе биде подготвителен за квалификацискиот со Австрија. Ние овие натпревари треба да ги сфатиме сериозно, не треба само да одиме таму за да играме, имаме цел да ја подобриме нашата игра. Секако дека ќе бараме начин да направиме и добар резултат. На овие средби ќе мора да внимаваме на нашата игра и да правиме што помалку грешки“, рече селекторот Јаневски.
Предводникот на репрезентацијата за овие две средби повика вкупно 25 фудбалери, од стандардните репрезентативци не се повикани капитенот Горан Пандев и голманот Мартин Богатинов кои се повредени, додека од списокот отпаднаа Кирче Ристовски и Јасмин Мециновиќ.
„Замислата е на одредени играчи да им се даде шанса да покажат што знаат, а воедно и играчите кои настапуваа во квалификациите, а не играат во своите тимови да добија поголема минутажа за што подобро да се воиграме како тим“, потенцира селекторот.
Јаневски информира дека Шумуликовски ќе биде во комбинација за вториот натпревар, додека Тодоровски на репрезентацијата ќе и се приклучи во Малме. Поради клупски обврски оваа репрезентативна акција ќе пропушти Давид Бабунски, додека Марко Павловски, кој е роден во Белград, побарал дополнително време да размисли дали ќе прифати да игра за македонската репрезентација.
„За овие две средби ќе направиме една ротација, што значи дека ќе одиме со различни состави, што значи дека за двете средби ќе имам по 20 играчи. За пример, Новески и Грнчаров ќе ги ротираат местата, Николче кој имаше напорна сезона ќе игра на првиот, а Грнчаров на вториот меч.“
Македонската репрезентација, против Шведска ќе игра на 3.јуни во Малме, потоа репрезентативците ќе добија три слободни денови, на 7.јуни Јаневски ќе ги продолжи подготовките, а мечот со Норвешка во Осло ќе се одигра на 11.јуни. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.